И Ставрески правеше буџетски пренамени без ребаланс


Министерството за финансии не работи на ребаланс на буџетот. Ова е официјалниот одговор на ресорот што е задолжен за промени во државниот план за приходи и расходи.

Прашањето за ребалансот овој пат е актуелно поради дилемата како да се одвојат и да се трошат буџетските пари за референдумската кампања. Поаѓајќи од Законот за референдум, носител на информативната кампања може да биде само Собранието. Проблем е како парите ќе стигнат до Собрание при што јавно се вртат три опции – парите да бидат префрлени на Собранието преку ребаланс, Собранието да даде насоки како да се поделат парите и третата варијанта е парите да останат во Министерството за финансии, кое би им исплаќало на субјектите на кои им следуваат пари за кампања.

Според Михајло Маневски, ексминистер за правда во владите на Никола Груевски, одлуката на Владата да ги задолжи министерствата од своите буџети да обезбедат средства на референдумска кампања е противуставна и незаконита.

„Такво нешто претставува директно флагрантно кршење на Законот за буџетите, Законот за спречување на корупцијата, Изборниот законик и Кривичниот законик. Владата не може да врши ребаланс на буџетот на буџетските корисници. Тоа може да го врши само Собранието, а Владата не побара и не предложи на Собранието ребаланс на буџетот“, вели Маневски.

Неофицијално, Владата дефинитивно ја отфрлила опцијата за ребаланс на буџетот заради пренамена на средства за референдумската кампања. Опозицијата очигледно притиска за тоа.

Пренамени на буџетски средства, без да се врши зголемување на износите, не мора да се прават со ребаланс. Ова во септември 2012 година го тврдеше тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески.

„Оваа година нема да се зголемат расходите во буџетот во однос на она што е буџетирано и она што го добива македонското Собрание. Нема да додадеме нови расходи и затоа нема потреба од ребаланс“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на пратеничко прашање на Марјанчо Николов од СДСМ, и тоа стои на интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ на 27 септември 2012 година.

Од доставување на ребаланс на буџет во Собрание до негово гласање, законот дава рамка од 55 дена. Собранието не може да го разгледува ребалансот пред да поминат 20 дена од денот кога бил доставен до него. Според собранискиот Деловник, расправата за ребалансот на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија може да трае максимум десет дена, а за најмногу дваесет дена за ребалансот треба да се расправа на пленарна седница. Таму, на пленарната седница, расправата може да трае најмногу пет дена.

Анита Салтировска