Зоран Анчевски е добитник на „Браќа Миладиновци“ на СВП


Поетот и преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала за книгата „Небесна пантомима“.

Добитникот беше соопштен денеска, традиционално на прес-конференција, на која претседателот на жири-комисијата Данило Коцевски образложи дека „Небесна пантомима“ е поетско остварување на зрел и опитен поет.

– Евидентно е осмислувањето на поетската книга како единствена поетска градба на ритмички и семантички созвучја во приодот кон стожерните мотиви на пеењето. Анчевски внимава на архитектониката на својата книга. Песните внимателно се поделени во пет одделни целини компактни на тематско-мотивски план, а префинети на планот на јазикот и лексиката, истакна Коцевски.

Движејќи се во димензијата на предметноста на доживеаното, додаде, Анчевски секогаш одново, на суптилен поетски начин, ни ги посочува замките на привидот, како да сака да нѐ предупреди на целата сложеност на човековиот микрокосмос.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за Анчевски има големо значење, пред се поради неговата поврзаност кон фестивалот.

– „Браќа Миладиновци“ за мене претставува најголема награда, бидејќи Македонија нема национална награда од овој тип. За мене претставува национална награда. Уште подрага ми е, бидејќи по толку годишно работење на Фестивалот и на пишување поезија, мојата осма поетска збирка кончено ја доби оваа награда, изјави Анчевски.

Потсети на долгогодишното негово учество на фестивалот како дел од организацијата на Струшките вечери на поезијата.

– Со вирусот СВП се заразив уште во студентски денови, кога со моите колеги доаѓав и спиев на плажите, само и само да ги следам поетските случувања тука на Струшките вечери. Потоа низ професионалното работење и мноштвото мои ангажмани тесно поврзани со раководењето и работата на оваа институција, вирусот СВП траеше и трае до денес. Од некогашен хипи поет, сега сум лауреат на оваа најголема македонска награда за поезија, рече Анчевски.

На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ пристигнале 42 поетски книги од кои, според жири-комисијата во состав Данило Коцевски – претседател, Милош Линдро, Наташа Аврамовска, Наташа Сарџоска и Иван Шопов членови, 41 ги исполнувала условите.

Во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“ влегоа стихозбирките „Небесна пантонима“ од Зоран Анчевски, „Под Дервишовото сиќе“ од Андреј Ал Асади, „Гласови“ од Јордан Даниловски, „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски и „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска.