Здравко Чолиќ за „Независен“ : Во Македонија се чувствувам како дома


Балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (67) е поп-феномен на Балканот. Сè уште снима хитови и спотови, држи концерти кои се секогаш распродадени, изгледа одлично, брчките можат да му се избројат на прсти. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и открива дека за да бидете во топ-форма мора да имате внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служат телото и гласот, ќе пее и понатаму.

Утревечер во ВИП-арената „Борис Трајковски“ е првиот од двата концерта во Скопје, во организација на „Прагма продукција“.

Годините не се важни, барем кај вас. Што е тоа што уште ве мотивира и ве тера понатаму, да снимате и да настапувате?

– Мотивацијата е во публиката, во големиот број луѓе што доаѓаат на моите концерти, ја слушаат мојата музика, ги чекаат новите песни и ги пеат на првиот нареден концерт заедно со тебе. Тоа е одлична енергија која ја разменуваме, но мотивација се и песните во кои уживаш додека ги снимаш. Сè повеќе ми прави задоволство тој креативен дел кога се реализира албумот, се избираат песните, сето тоа е инспиративно за еден уметник… Исто така, ја работиш и работата што ја сакаш, уживаш и самиот во тоа, па и живееш од тоа – сето тоа заедно е силен мотив човек да се занимава со оваа работа.

Сите ваши спотови за песните се ремек-дела. Внимателно ги избирате локациите, приказните и манекените. Кој го има последниот збор за спотовите?

– Кога станува збор за спотовите, на еден начин работиме тимски, ама работата му ја препуштам на режисерот, тој ги избира глумците и манекените, го осмислува сценариото, а одлучуваме заеднички за предлогот на локацијата. Александар Керекеш-Кеки е мој долгогодишен соработник и работеше со мене повеќе спотови. Од актуелниот албум „Оно мало среќе“ изработивме пет спота, а последниот за песната „Ништа није било измеѓу нас“, кој неодамна имаше премиера.

Имате обожаватели во целиот регион. Сите ве сакаат и ги сакаат вашите песни. По што се разликуваат македонските фанови од другите?

– Морам да кажам дека во Македонија се чувствувам како дома и имам многу пријатели, доаѓам често, и приватно и кога не се концертите во прашање. Ги сакам македонската музика и македонскиот темперамент, кој секогаш е доминантен, а дружењето со македонската публика трае од почетокот на мојата кариера. Постои голема љубов меѓу нас и енергија, која е тешко да се објасни.

Која е најпозитивната работа што ја напишале за вас, а која најнегативна?

– Не сум од тие уметници кои на тој начин ги следи медиумите и не губам време на ранг-листи на позитивни и негативни работи. Не сум скандалозен тип и кариерата не ја градев на тој начин, туку со песните и со музиката воопшто.

Неодамна прочитав една регионална анкета за тоа кои се ексјугословенски брендови. Тито беше на прво место, а вие – на второ. Дали се чувствувате како бренд?

– Тешко е да се зборува за себе самиот и не размислувам на тој начин. Можно е луѓето да го препознале тоа нешто што трае во смисла на присуство и денес, како и пред 45 години кога ја почнував кариерата. Начинот на однесување и воспитување што ги носам од дома се такви што мојот пристап кон луѓето е таков што тие во мене препознаат човек кој, едноставно, не прави разлика меѓу луѓето, кој ја почитува и ја сака својата публика.

Која е вашата тајна на успехот?

– Ако зборуваме за мојата кариера, секогаш водев сметка за изборот на песните кои ми одговарале, во морето на разни автори и стилови. Во сето тоа барав некаква средина и нешто што ми одговараше бидејќи сметам дека песните и вокалот, како и самата емоција и енергија што го следи тоа, се всушност клучни.

Која е вашата омилена песна?

– Има многу песни и не можам да издвојам некоја посебно. Од секој албум има песни што се издвојуваат. На некој начин, врзан сум за песните со кои ја почнав кариерата, како што се песните на Кемал Монтено, „Синоќ ниси била ту“ и „Гори ватра“… Драги ми се и баладите, но не можам да издвојам некоја посебна песна.

Како ја одржувате топ-формата?

– Битно е во сè да имате мера. Ми прави задоволство да одам во природа, да прошетам, така најдобро се полнат батериите. За да имате добра физичка форма, мора да имате внатрешен мир. Пред концертите, малку се осамувам и се посветувам на себеси, тоа е одговорност кон работата со која се занимавате.

Кој ве советува за стилот на облекување?

– Приватно, сам ја избирам гардеробата и воопшто не ми е потребна помош. За концертите или кога снимам спотови и имам фотосесии се консултирам со стилисти на некои од моите соработници и комбинираме нешто заедничко, но секогаш најважно ми е да се чувствувам добро и пријатно во тоа што го носам.

Кога не настапувате, што правите?

– Има и такви денови кога можете да се опуштите. Приватно, го поминувам времето со семејството, одиме со пријатели на ручеци, сакам да патувам кога немам концертни обврски, на некоја планина и да се посветам на себеси. Се опуштам и во разговорите и во дружењата со луѓето што не се од моето професионално опкружување, со добар филм или книга.

Дали семејството доаѓа на вашите концерт?

– Членовите на семејството доаѓаат кога се во можност, во зависност од обврските и слободното време. Не можат да бидат на сите концерти, моите ќерки се во училиште и училишните обврски се на прво место.

Дали го наследиле вашиот талент?

– Имаат афинитет и талент за музика, а со што ќе се занимаваат во животот – времето ќе покаже. Нема да им се мешам во изборот на професијата, секогаш ќе помогнам и ќе им дадам совет.

Како ги воспитувате?

– Се трудам да воспоставам рамнотежа меѓу моделот на кој инсистираа моите родители и правилата што ни ги донесе современото време. Децата би требало да ги насочите да одат неоптоварено низ сегашноста, а со време, кога ќе пораснат, да го откриваат и минатото.

Што има ново на музички план?

– Во тек е период на концерти и на некој начин промовирање на песните од новиот албум. Во наредниот период ќе имаме настапи во регионот и во Европа. Во план е и снимање и на други спотови.

Дали помислувате на музичка пензија?

– Има многу луѓе што те следат со години и тоа е величествена приказна која не ти дава да ја напуштиш работата… Работата те држи и тоа е нешто што луѓето го сакаат кај тебе, и додека те сакаат, ти имаш обврска, ако те служат телото и гласот, да пееш и да правиш нови песни. Со глед на тоа, тука нема никогаш пензија, само здравјето да те послужи.

Кој е вашиот град или земја од соништата?

– Пуст остров.

Лејла Сабит      Фото: Приватна архива