Заев: Ако Андреев се кандидираше за претседател на АКРМ, тогаш немаше да ми биде адвокат


Премиерот Зоран Заев денеска рече дека го замолил својот адвокат Ване Андреев доколку има намера да се кандидира за претседател на Адвокатската комора тоа да не го прави, затоа што во тој случај нема да може да му биде адвокат. Додаде дека одлуката била негова и оти Андреев одлучил да не се кандидира.

– Јас разговарав со мојот адвокат Ване Андреев да не биде како Никола Додевски – претседател на Адвокатската комора. Комората ќе има спротивставени интереси со Владата и ние ќе треба да решаваме и закони за нотари, за извршители или за адвокатски дејности, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на судското рочиште за „Поткуп“.

Адвокатот Ване Андреев изјави дека бил предложен од некои колеги за член на Управен одбор на Адвокатската комора на РМ и оти седницата била водена по законски ред.

– Ќе се бориме да се почитуваат правата на адвокатите и тие што се стекнати да се надоградуваат, рече Андреев.

Адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго викендов во Струга беше избран за нов претседател на Адвокатската комора на Македонија, а за негови заменици се избрани Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи.

Михајловски е поранешен директор на Царинската управа, а беше и министер за внатрешни работи во периодот од 2002 до 2006 година.

Досега со Адвокатската комора претседаваше Никола Додевски.