Ердоан Максут: Ќе го вратам Турскиот театар на врвот


Театарскиот и филмски актер Ердоан Максут (59) е новиот директор на Турскиот театар во Скопје, со мандат од 4 години. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Владимир Милчин, а во 2001 година се здобил и со титулата магистер по театролошки науки. Член е на Турскиот театар од 1978 година до 2012 година, кога станува член на „Театар Комедија“. Има остварено улоги во разни независни продукции, а глумел и во „Македонските народни приказни“.

Пред Максут се големи предизвици зашто Турскиот театар веќе подолго време работи со блокирана сметка (освен за плати), а изградбата на новата театарска зграда веќе со години е во фаза на карабина.

Каква состојба затекнавте како тазе директор на Турскиот театар?

– Бидејќи решението за моето назначување за директор НУ Турски театар – Скопје стигна на 1 август 2018 после 14 часот, а утредента беше државен празник 2 Август – Илинден, па се надоврза првиот викенд од август, на 3 август немаше можност за каква било активност, следствено на тоа јас дури во понеделникот на 6 август започнав со активностите на моето ново работно место. За посликовито да ви објаснам, институциите на културата, како што е театарот, користат колективен одмор кој започнува на 1 август и трае до 31 август, така што претходниот вршител на должност директор ги потпишал решенијата за сите вработени. Значи, сите се на одмор освен две службенички со кои заедно ги средуваме техничките нешта што се потребни при вакви ситуации, односно при промена на директори.

Кој ќе ви биде првиот чекор како директор на Турскиот театар?

– Првиот чекор беше да влезам во канцеларијата со десна нога… ха, ха, ха, се шегувам… Прво и основно е да се одблокира сметката на театарот, а во таква состојба не може баш ништо да се сработи. Знаете дека за да се подготви некоја претстава се потребни финансиски средства за таа да се опреми со сè што е потребно, костими, сценографија, реквизити, да се изготви музика во студио и да се сними, да се исплатат надворешните соработници и ред други нешта…

Кога очекувате да се сретнете со министерот за култура Асаф Адеми?

– Со оглед на тоа дека е август, и тоа веќе на половина од месецот, а септември ни е на прагот, што би се рекло, утре е први септември, очекувам што поскоро да остварам средба со министерот за култура…

Како долгогодишен актер и магистер по театрологија, што е потребно за успешен ансамбл?

– Како и сè друго во животот, односно како и во секоја друга дејност, потребно е работа, работа и само работа, со целосна максимална посветеност и верба во тоа што треба да се сработи за да се достигне некаква зададена и одредена цел. Во таа смисла, ќе треба да се детектираат повеќе нешта, како што е мисијата на секој еден театар, но со свои специфичности што ги наметнува сопствената култура, традиција и она што се вели каква е потребата на аудиториумот како консумент на театарската уметност. Се разбира, треба да се следат сите европски и светски трендови во театарското творештво за да се држи чекор со сите актуелни збиднувања и случувања преточени во сценско обликување на актуелноста. Штом тоа се издиференцира како нешто секојдневно, тогаш и успешноста неминовно ќе си дојде.

Како долгогодишен член на Турскиот театар и како син на доајените Џемаил и Сузан Максут, сигурно многу ќе се очекува од вас како директор. Каде ја гледате иднината на ансамблот?

– Да, како што и вие посочивте, јас потекнувам од актерско семејство на доајените на Турскиот театар од Скопје, Џемаил и Сузан Максут. За жал, и обајцата се веќе покојни, но со оставени големи и неизбришливи траги на сцената на Турскиот театар. Јас уште од својата најрано детство бев катадневно присутен во театарот, а театарот исто така катадневно беше присутен во нашиот дом… Така што, иако јас во мојата рана младост сакав да избегам од театарот и се одлучив да се посветам на ликовната уметност, па се запишав во Средното уметничко училиште (тогаш Училиште за применета уметност), театарот воопшто не ме напушти и не ме заборави. Ме следеше во секој чекор… Потоа коцките почнаа сами да се редат и дојде ден кога сфатив колку и да бегам од театарската уметност таа во чекор ме следеше и јас едноставно веќе не можев да бегам и сфатив дека моето вистинско место и животна определба е театарот, односно театарската уметност. Кој колку ќе очекува од мене како директор на Турскиот театар, искрено, не знам, но тоа и не ме оптоварува, бидејќи секој еден има свои сопствени погледи, сфаќања, разбирања и определби за сенешто. Иднината на ансамблот на Турскиот театар – Скопје е на самиот врв во театарското битисување, дејствување, опстојување и создавање театарска уметност.

Со кој проект ќе стартувате, ако не е прерано?

– Бидејќи го завршуваме осмиот месец од тековната 2018 година, а програмот за активности во 2018 е усвоен уште во текот на минатата 2017 година, ќе треба да се продолжи со започнатата активност за реализација на прифатената програма. Имено, во текот на април и мај во Турскиот театар биле започнати подготовки за реализација на „Ана и Хана“, претстава за деца, но, за жал, поради блокирањето на сметката, подготовките се запрени и ситуацијата е статус кво. Значи Турскиот театар е во деликатна состојба. Но тоа не треба да нè плаши бидејќи пречките се неминовно нешто и ние ќе треба да изнајдеме начин како ја надминеме оваа навидум голема препрека и да ја претвориме во наш триумф…

Дали едно од вашите приоритети ќе биде и изградбата на новиот турски театар кој се протегна во недоглед? Во што е проблемот? Вашите канцеларии сè уште се во „Театар Комедија“?

– Турски театар – Скопје во 2020 година ќе слави јубилеј 70 години од својата прва премиерна изведба, односно од своето непрекинато постоење, творење, присутност во театарските збиднувања како на просторите на Македонија, така и пошироко на просторите на поранешна Југославија, Балканот, па и пошироко низ просторите на европскиот континент, па и на африканскиот континент. Секако дека му е потребен сопствен простор односно театарска зграда каде што ќе ги остварува своите секојдневни активности во театарската сфера. За жал, тој проект (изградба на театарска зграда за потребите на Турски театар – Скопје) се одолговлекува веќе долги години. Зградата е стигната до фаза на карабина и сега ќе треба активностите да продолжат во смисла на финализирање на тој објект. Ќе се изготват точни и прецизни планови со која динамика ќе се остваруваат понатамошните градежни активности. Сега не би можел ништо во детали да ви кажам бидејќи е малку прерано за да можам да ви кажам такви нешта… Да, поради актуелната состојба, нашите канцеларии дел се во просториите на „Театар Комедија“, а дел се во зградата на поранешна „Нова Македонија“. Но нашата главна активност подготовки, реализација и одигрување на театарските претстави се одвиваат во рамките на објектот на „Театар Комедија“ со чие раководство, односно директорот Сашо Ристовски и уметничкиот директор Мирјана Ристов имаме прекрасна соработка во секој поглед.

Дали како актер ќе го напуштите „Театар Комедија“ поради новата функција?

– Секако дека поради мојата нова функција моето работно место во „Театар Комедија“ ќе има статус на мирување сè додека го извршувам ова мое ново задолжение, односно сè додека сум на функција директор на Турскиот театар.

Се видовте ли со вработените од турскиот ансамбл?

– Поради погоре спомнатата состојба, односно поради користењето на колективниот одмор од страна на сите вработени, немав можност да остварам таква средба. Но секако штом завршат одморите, односно во септември, ќе остварам таква средба.

Кои се актерите во ансамблот?

– Актерите во Турскиот театар ѝ се добро познати на пошироката јавност, да не ги набројувам сега поединечно секој од нив, но секако дека колегите актери од Турскиот театар имаат остварено многу не само театарски улоги на матичната сцена, туку и надвор од неа, како и многу актерски остварувања на ТВ и на филм, по кои јавноста ги препознава и добро ги познава.

Лејла Сабит     Фото: Борис Грданоски