„Европски денови на културното наследство“ во Музејот на Македонија


Дваесетина музеи, невладини организации и други институции што се грижат за културното наследство ќе бидат вклучени во манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ која во координација на Музејот на Македонија  стартува од утре до 7 октомври.

Тековната 2018 година е прогласена за Европска година на културното наследство од Европската Унија и поради тоа годинашното издание на Европските денови на културното наследство ќе се реализира под мотото: „Европска година на културното наследство: Уметноста на споделувањето“.

Во десетте дена на манифестацијата ќе бидат организирани изложби, проекции на филмови, промоции на публикации, едукативни настани и други активности посветени на наследството на повеќе од триесет и пет културно-историски локалитети.

– Целта на манифестацијата е покревање на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство. Во текот на повеќедецениската реализација, Европските денови на културното наследство прераснаа во најголем европски проект поврзан со наследството. Во Република Македонија реализацијата на активности поврзани со овој настан повеќе од дваесет години дава голем придонес кон приближување на културното наследство до пошироката публика, особено до помладите генерации, соопшти Музејот на Македонија.

Одбележувањето на Европските денови на културното наследство почна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и со поддршка од Европската Унија. Република Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година.