Дуото Емин-Аткинс на Првиот фестивал на електронска музика во Грузија
Македонскиот уметник, диригент и композитор Џијан Емин заедно со американскиот диџеј Хуан Аткинс настапија на отворањето на првиот фестивал на електронска музика „Echo Waves“ во Анаклија, Грузија.
Двајцата уметници, на отворањето на 23 август, беа придружувани од синфонискиот оркестар „Алтер“ составен од музичари од Националниот оркестар на Грузија и Националната опера.
– Добивме покана да настапиме на овој фестивал кој за првпат се организира во Анаклија, Грузија, на прекрасна локација на самата плажа на Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на 5 различни сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот кој е поддржан од Владата на Грузија, а која очигледно се грижи за квалитетот на животот на своите граѓани преку реализирање на ваков тип на фестивал кој според рангот на учесниците слободно можам да го карактеризирам како светски, изјави Емин, кој првпат настапува во Грузија.
Според Емин, фестивалот понудил неверојатно квалитетен избор на електронски музичари и диџеи. – Да се биде во друштво на Tricky („Massive Atack“), Die Antwoord, Marcel Dietman, Henrik Schwartz… и уште многу други големи имиња од светот на електронската музика е фантастично чувство. Но, можеби најмногу импонира фактот што ние со Хуан Аткинс бевме едни од главните протагонисти на целиот фестивал, вели Емин.
Емин за првпат настапи во Грузија, а неговиот концерт во оваа држава следува по настанот со Аткинс во Античкиот театар во Охрид на 2 август.
Следниот ангажман на Емин е со Аткинс и Огнен Узуновски со кои ќе работи на издавање на неколку композиции на винил во наредните неколку месеци и продуцирање на албум чија концертна промоција ќе се случи во Детроит наредната година.
На 13 септември пак ќе настапи во Белград на концерт на отворено, заедно со Македонската филхармонија и африканската ѕвезда Феми Кути, концерт кој премиерно се одржа во Скопје во Градскиот парк на настанот „Филхармонија на отворено“.