Делчево ја доби првата фудбалерка-репрезентативка


Ана Димитровска од Делчево која настапува за женскиот фудбалски клуб Каменица Саса во моментот се наоѓа во Охрид каде со останатиот дел од македонската фудбалска репрезентација ги одработува подготовките за квалификациите за Европското првенство кои ќе стартуваат во септември оваа година.

Квалитетите кои ги покажа Димитровска за време на тимските настапи како и големиот број на голови кои таа ги постигна, беа доволна причина селекторот Кирил Изов да ја повика младата делчевка во најдобриот македонски женски состав со кој ќе ги одржи седумдневните базични подготовки.

Димитровска претходно има настап за репрезентацијата до 17 години, а ова е нејзин прв повик во сениорскиот тим во женски фудбал.

– Имам настап во репрезентацијата, но во онаа до 17 години и тоа во 2011 година. Во кариерата имам играно во ЖФК „Кочани“ со кој настапував на турнир во Франција, додека во моментот играм за тимот на ЖФК „Каменица“. Женскиот фудбал за мене е огромен предизвик. Моја задача е да давам голови во екипата, но имам и други задачи по потреба. Му благодарам на селекторот Кирил Изов за повикот во репрезентацијата со која се надевам дека ќе напредувам уште повеќе, изјави Димитровска.

Освен Димитровска од тимот на Каменица Саса во „А“ националниот тим уште е повикана и Христина Јошевска.

Противниците во квалификациите за Европското првенство, женската фудбалска репрезентација на Македонија ќе ги добие на жрепката во Швајцарија на 21 февруари.