Дачиќ: Рама ги уби регионалните договори за соработка
Албанија ја поддржува косовската блокада на стоки од Србија, со што албанскиот премиер Еди Рама ги прекрши договорите за регионална соработка, изјави денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
– Рама ги уби регионалните договори за соработка, единствениот економски простор и она за што зборувавме. Бесмислено е понатаму да одржуваме какви било состаноци за регионалната соработка, по ова што денеска го рече Рама и за што разговараше со Харадинај, рече Дачиќ.
Тој оцени дека Белград уште еднаш треба да ги брани европските вредности од Косово, кое ја гуши економската слобода, што е една од основните европски вредности.
Осврнувајќи се на неодамнешното воведување на такси од 100 отсто за српските производи, албанскиот премиер Рама денеска по заедничката седница на Владите на Албанија и Косово во Пеќ, изјави дека ова е јасна реакција на постапките на Србија. Рама, исто така, нагласи дека Албанија го поддржува Косово за ова прашање.