Дали е доволен само бон-тон за поцивилизиран парламент?
Пратениците смеат да примаат само протоколарни подароци во вредност до 150 евра. Не им е дозволено да склучуваат договори за дејствување или гласање со трето лице или правен субјект и треба да водат сметка да не бидат изложени на ситуации кои можат да бидат поврзани со корупција. Пратеник кој ќе заклучи дека се соочува со судир на интереси веднаш презема мерки за решавање на ситуацијата, а ако не може сам да ја надмине за тоа писмено го известува претседателот на парламент.
Ова се дел од правилата правилата предвидени со кодексот на однесување на пратениците во Европскиот парламент. Некои од нив ќе бидат земени предвид во етичкиот кодекс на македонскиот парламент, кој сега е во нацрт-верзија и кој ќе биде една од темите на престојната дебата во рамки на процесот „Жан Моне“ во Охрид. Со оглед на тоа што дијалогот „Жан Моне“ е инициран од Европскиот парламент и негова почетна точка се собраниските процедури, се очекува европарламентарците кои ќе бидат присутни во Охрид да им пренесат на македонските пратеници какви правила на однесување се на сила во Брисел.
Европските парламентарци со кодексот на однесување се обврзани исто така да пополнат изјава за финансиски интереси во која се наведуваат сите нивни професионални квалификации и дополнителни извори на приходи. Тие податоци се објавуваат на интернет страницата на парламентот. Поранешни пратеници, пак, кои се вклучени во лобирања поврзани со процесот на одлучување, не може да ги користат бенефициите наменети за експарламентарците Во Европскиот парламент се формира советодавен одбор кој им дава насоки на парламентарците околу примената на кодексот и одлучува во случаи на негово прекршување. Одборот ги сослушува пратениците за кои има сомневање дека го прекршиле кодексот и изрекува казни, кои се објавуваат исто така на интернет страницата на Европскиот парламент.
Повеќето парламенти во европските земји одамна имаат етички кодекси што, главно, регулираат ситуациите поврзани со корупција, судири на интереси и влијанија од разни центри на бизнис и моќ. Прва почнала Франција, чиј кодекс има само шест члена, но претставувал инспирација за Германија и Велика Британија да донесат слични такви правила за своите парламентарци. Најобемен е кодексот на руската Дума со 150 члена.
Од македонскиот парламент велат дека при изработката на нацрт верзијата на домашниот етички кодекс се користеле во најголем дел искуствата од кодексите на парламентите во земјите од регионот, како и од германскиот Бундестаг. Основа при изработката на „бон-тонот“ на македонскиот парламент биле препораките од ГРЕКО – групата на земји против корупција. Во етичките правила се внесени и одредби од закони кои ја уредуваат оваа област, како што е таа за спречување судир на интереси. Во тој контекст се наметнува дилема дали етичкиот кодекс ќе смени нешто посуштинско во однесувањето на пратениците, со оглед на тоа што законите кои ги регулираат прашањата за судири на интереси и за државни функционери од одамна се на сила, ама и покрај тоа во изминатите години македонското Собрание го потресуваа многу скандали – со високите суми за патни трошоци, за непотизам при именувања, за влијанија од извршната власт…При што ниту еден пратеник досега не бил санкциониран.
Наспроти тоа, британскиот парламентаризам памети неколку оставки и суспендирања на пратеници поради прекршување на кодексот на однесување. Така, во 2009 година, претседателот на Долниот дом Мајкл Мартин поднесе оставка откако беше критикуван околу скандал со пратеничките трошоци. Истата година, Горниот дом суспендираше на одредено време двајца членови, припадници на тогаш владејачката Лабуристичка партија. Тие беа обвинети за примање мито, затоа што за финансиски надомест прифатиле да влијаат на своите колеги за донесување одлука во корист на странска фирма, која, всушност, била непостоечка, затоа што „посредниците“ беа новинари на „Сандеј тајмс“.
Едно од правилата на британскиот парламент, исто така, е дека пратеник не смее да прифати поткуп што би влијаел на неговото одлучување или на промоција иоли противење на кој било закон. Во британскиот „бон-тон“ е наведено дека тој важи за сите аспекти од јавниот живот на пратениците, ама дека не се обидува да го регулира она што членовите на парламентот го прават во нивниот чисто приватен и личен живот. Исто така, пратениците се обрзани да пополнат извештај во кој ќе ги наведат сите свои финансиски интереси и да пријават какви било приватни интереси во врска со нивните јавни должности.
Фердинанд Сукраманен, етички експерт во француското Собрание, кој присуствуваше деновиве на дебата во македонскиот парламент, посочи дека во неговата земја постои принцип според кој пратеникот мора да се консултира дали може да прими подарок над 150 евра. Патните трошоци на пратениците во Франција, пак, се плаќаат на независна сметка, а за секој трошок, дури и приватен, но од јавен интерес, пратеникот треба да се консултира со одговорните за етика.Парламентарната етика, според Сукраманен, треба да се заснова на четири принципи: доверба меѓу пратениците, нивните постапки надвор од парламентот, надоместоците за нив од надвор и контролата на трошоците.
За разлика од европските искуства, етичкиот кодекс е приказна која со години се провлекува низ македонскиот парламент, ама ниту една собраниска гарнитура не успеа да го донесе досега. Овој пат најавите се дека, сепак, ќе има епилог. Александра М. Митевска