Грчката полиција разби мрежа за шверц со лекови против рак


Грчката полиција разби криминална група која крадела лекови за рак од болниците во земјата и ги шверцувала во други европски земји за да ги продава по исклучително високи цени, при што пациентите можеби останувале без лекови кои би им го спасиле животот, соопштија локалните власти.

Во операцијата се уапсени 21 лице на возраст од 22 до 70 години, а меѓу нив има и лекари  и медицински сестри, стои во соопштението.

Тие се осомничени дека користеле лажни рецепти за да дојдат до лековите кои потоа ги испраќале во складишта во Италија, Германија и Швајцарија, каде лековите ги продавале со огромен профит.

Природата на злосторството укажува на „особено непочитување кон заедницата“, изјави портпаролот на полицијата Теодород Хронопулос, истакнувајќи дека престапниците „се воделе само според профит“.

Повеќето лекови против канцер во Грција се достапни само преку државни болници поради нивната релативно висока цена, а трошоците ги субвенционира државата. Полицијата верува дека мрежата била активна од 2013 година од екот на финансиската криза која, меѓу другото, ги намали и државните трошоци во клучните сектори, вклучувајќи ја и здравствената нега.

Вредноста на лековите кои криминалната група ги испратила во странство се проценува на 25 милиони евра, информира Хронопулос.

Од друга страна, грчката држава е оштетена за најмалку 13,7 милиони евра.