Груевски: Вакви монтирани судења не се паметат од почетокот на 20-иот век


Екс премиерот Никола Груевски и денеска беше на судење наместо на интерпелација. Груевски мораше да се појави на судското рочиште Тенк, бидејќи судот одби тој денеска да биде слободен.

“Ова политичка судска хајка конкурира за најголема политичка судска хајка. Вакви монтирани и политички судења не се паметат од почетокот на 20-иот век, ни во турско, ни во српско, ни во бугарско”,истакна Груевски.

Груевски смета дека тој е прв премиер во светот кој е обвинет зошто се возел со блиндирано возило.

По вчерашните единаесет часа, кои Никола Груевски со својот адвокатски тим, ги помина во судницата – рочиштето продолжи со изведување пишани докази и сведоци.

Обвинетите Груевски, Јанкуловска и Ѓоко Поповски бараа сите докази да бидат прочитани целосно, но судот го отфрли нивното барање, а беа сослушани тројца сведоци од 6-тата управа.