Гаши: Тачи се согласи да нема преговори со Србија за границата


Косовскиот вицепремиер Дардан Гаши изјави вечерва дека Владата и претседaтелот на Косово Хашим Тачи се договориле на преговорите во Брисел за изнаоѓање конечно решение за споровите со Србија, да не се разговара за границата меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Гаши во емисијата „Фронтал“ на телевизијата Т7 изјави дека договорот бил постигнат на средба на која учествувале тој, другиот вицепремиер Фатмир Лимај и претседателот Тачи.

– Немаме мандат како Влада да преговараме за границите и никој нема мандат за таа работа, нагласи Гаши.

Потпретседателот на Владата на Косово рече дека е постигната согласност дека за границите не може да се преговара и дека никој тоа нема да го стори.

– Има целосна согласност да не се разговара за границата, рече Гаши, кој информира дека на денешната средба, на која е постигнат договорот со Тачи, не присуствувал премиерот Рамуш Харадинај.

Косовскиот претседател последните неколку месеци упорно се залага за, како што тој го нарекува тоа, „корекција на границата“ со Србија. Тоа, според него би значело припојување кон Косово на Прешевската Долина, област во јужна Србија населена со мнозинско албанско население. Идејата на Тачи има поддршка и од официјален Белград, чии највисоки претставници се залагаат за „разграничување со Косово“.

На идеите на Тачи и на Белград остро се спротивставуваат речиси сите релевантни субјекти во Косово, како и најголемиот дел од сојузниците на Приштина од меѓународната заедница.