„Газета експрес“: Тачи во Давос не беше добредојден


Опозициската Демократска лига на Косово (ДЛК) го критикуваше присуството на претседателот на Косово, Хашим Тачи, за време на Светскиот економски форум во Давос, бидејќи, како што велат, беше очигледно дека тој таму – не беше добредојден.

Пратеникот ДЛК Лумир Абдиџику вели дека Тачи премногу време поминал шетајќи се по ходниците со претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели и со советниците, и дека бил пример за „лидер на изолирана држава”.

– Косово таму беше изолирана држава со уште поизолирани лидери. Бесцелното шетање по претседателот, на собирот на кој присуствуваа голем број значајни светски лидери, најдобро сведочи дека (Тачи) не беше добредојден за средби со косовските сојузници, изјави Абдиџику, пренесува приштинскиот весник „Газета експрес “.

Според него, јасно е дека Тачи и претседателот на парламентот Кадри Весели „веќе не се во можност да градат било какви односи или меѓународни контакти, бидејќи тие се изолирани од западните земји”.

Абдиџику вели дека обидот за „акробација” со укинување на Специјалниот суд за воени злосторства ги навел претставниците на меѓународната заедница да ги изолираат косовските лидери.

– Од фотографиите на Фејсбук се гледа дека Тачи разговара со неговиот советник, додека другите лидери ја искористи можноста да разговара со инвеститорите, пишува „Газета експрес“.