Вучиќ: Албанците формираат војска за да пукаат на Србите


Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека има сознанија оти косовската војска ќе биде формирана на 28 ноември, кога се обележува Денот на албанското знаме.

– Имам сознанија дека на 28 ноември ќе биде формирана косовската војска, рече Вучиќ на прес-конференција по владината седница со Србите од Косово.

Според него, Албанците имаат намера на Денот на албанското знаме да го прослават и одбележат со создавање војска на Косово,

– Тоа е спротивно и на нивниот Устав и на сите меѓународни договори, и на Резолуцијата 1244 и на кумановскиот договор, и на Бриселскиот договор и на бриселскиот договор кој го имаат со НАТО, изјави Вучиќ.

Тој воедно ги повика Србите од Косово да не учествуваат во формирањето на косовската армија, бидејќи, како што рече, Албанците формираат војска „за ништо друго освен да ја искористат еден ден за да пукаат на Србите“.

Претседателот на Србија нагласи дека Приштина сака да го ограничи делокругот на работата на својата делегација за дијалог со Белград во Брисел, со што се доведува во прашање смислата на тие разговори.

Вучиќ вчера изрази загриженост поради намерата на Приштина да формира Војска на Косово и нагласи дека тоа ќе доведе до дестабилизација на регионот.

Вучиќ денеска посочи и дека „пред Србија е тежок месец во однос на Косово“, нагласувајќи дека Приштина освен што има намера да ја формира косовска армија, истовремено се обидува и да ги превземе и надлежностите над српската „Електромрежа“.

– Кога преговаравме, стануваше збор за две претпријатија за пренос на енергија, а едната требаше да биде формирана од Заедницата на српски општини. Сега сакаат и тоа да ни го одземат и да кажат дека тоа му припаѓа на Косово, изјави Вучиќ.

Тој најави дека во следните осумнаесет месеци, Србија во Косово ќе инвестира дополнителни 50 милиони евра, кои ќе бидат наменети за реновирање на Клиничкиот центар во Косовска Митровица, на патишта, здравствени установи, училишта и други институции.