Во Париз и Рим протести против насилството врз жените


Во Париз и Рим денеска се одржаа протести во знак на поддршка против насилството врз жените.

Меѓународниот ден против насилство врз жените во Париз беше одбележан со парада низ улиците на околу илјада претставнички на феминистички организации и други жени. Тие беа облечени во црна облека и носеа транспаренти со имињата на французинките убиени во текот на 2017 година. На еден од транспарентите пишуваше: „Веднаш и насекаде против насилство“.

Во Рим, исто така, се одржа парада на жени, кои имаат за цел да ги охрабрат другите жени да се борат против насилството извршено врз нив од страна на мажите.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска претстави иницијатива против насилство врз жените, со цел да се елиминира чувството на срам на жртвите.

Во обраќање по повод Меѓународниот ден против насилство врз жените, Макрон претстави план кој ги поттикнува жените да преземат акција. Планот предлага построги закони против сторителите и се предвидени мерки за едукација на населението за оваа тема, почнувајќи уште од градинка.

Макрон изјави дека минатата година во Франција починале 123 жени како резултат на насилство од страна на нивните партнери. – Време е срамот од едната да премине на другата страна, рече Макрон.

Тој посочи дека Франција во следните пет години ќе преземе максимални напори против насилството врз жените.