ВМРО-ДПМНЕ: Не ги знаеме новите детали од преговорите за спорот за името


Во врска со информациите изнесени во јавноста од премиерот Зоран Заев за наводно навремено информирање на опозицијата, поточно ВМРО-ДПМНЕ со детали од преговорите за спорот за името, реагираат од опозициската партија.

-Се работи за комплетна невистина изнесена од Зоран Заев кој очигледно се раководи по принципот „колку повеќе лаги, толку повеќе години на власт“. Очигледно единица мерка за лага во државата е Зоран Заев. Но неговото катастрофално работење многу брзо ќе биде разобличено од страна на граѓаните и ќе се понесе одговорност за сите штетни политики во државата. Вистината е следна. Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги има добиено од владата која ги води преговорите за името се оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи на почетокот од месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денешниот ден, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите ниту нови детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.