ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги продолжува нашите проекти


Добро е што Заев ги продолжува проектите на ВМРО-ДПМНЕ, лошо е што со тие проекти доцни, надевајќи се дека граѓаните ќе заборават дека тоа се проекти на претходната влада. Зоран Заев и криминалниот картел во недостаток на идеи и проекти се фалат со проектите на ВМРО-ДПМНЕ и ги претставуваат како свои. Власта го одложува реализирањето на проектите цела година, за да ги претстави како свои, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Експресниот пат Градско – Прилеп е проект кој е целосно почнат од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Средствата за истиот се обезбедени преку ИПА проект со помош на ЕУ, целата постапка, вклучително и распишување на јавен повик за избор на изведувач е изведен од влаадата на ВМРО-ДПМНЕ. Картелот чекаше цела година од распишување на јавниот повик до изборот на понудувач, само за да може да го претстави проектот како свој. Ова е еден од стотиците проекти, на ВМРО-ДПМНЕ, кој картелот ги присвојува како свои. Ни трага ни глас од ветените 600 километри автопат и 550 километри магистрални патишта. Неосновано се закочија и запреа со изградба по повеќе месеци автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, додека автопатот Демир Капија – Смоквица чекаше цела година да биде пуштен во употреба“, стои во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ  Македонија под власт на СДСМ од ден во ден се повеќе се уназадува. Државата и граѓаните заслужуваат подобро.