Владата ги зголеми субвенциите за тутун


Почнувајќи од реколтата за 2017 година тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции за килограм предаден тутун, најави денеска министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Тоа, како што рече, на денешната прес-конференција е овозможено со прифаќањето на уредбата за директни плаќања за 2018 година донесена на денешната седница на Владата со која е дефинирано субвенцијата за прва класа тутун да изнесува 80 денари по килограм, за втора класа 70 денари, а за трета и четврта класа, како и за двете дополнителни класи 60 денари по килограм.

– На овој начин ќе ги мотивираме тутунарите не само да го зголемат производството на тутун, туку и да се насочат кон производство на поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција, рече Николовски.

Додаде, дека идните политики во развој на тутунопроизводителството ќе се реализираат не само преку зголемените субвенции за тутунот, туку и преку измените во новиот закон за тутун и тутунски производи.

– Со новиот закон, кој е веќе подготвен и се очекува наскоро да биде донесен ќе се укинува поднесувањето на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија и на тој начин ќе им ја олесниме административната процедура за склучување на договорите за производство, потенцира Нколовски.

Нагласи дека реколтата за 2017 година е една од најдобрите и додаде дека откупот финишира со постигната натпросечна откупна цена од 217,5 денари за килограм, а тутунот, како што кажа, беше со одличен квалитет и речиси немаше четврта класа.

Потенцира дека досега се откупени од 23,5 милиони килограми тутун за кои согласно откупната цена на тутунарите ќе им бидат исплатени над 80 милиони евра, како и 28 милиони евра на име субвенции.

Во Македонија, како што посочи, 23.000 семејства живеат од производство на тутун и нив ќе им бидат исплатени преку 100 милиони евра.

Политиките на Владата во тутунопроизводството, како што кажа, се прават во согласност со сите меѓународни институции и додаде дека Владата ќе ја прифати забелешката на Светската здравствена организација да се произведува помалку тутун, за што, како што кажа, со пари од ИПА фондовите се предвидува проект за пренамена на земјоделското земјиште засадено со тутун за одгледување други култури