ВИДЕО ВО ЖИВО: Немири во Израел, војската повреди над 17 лица


Повеќе од 17 лица се повредени од израелската војска за време на протестите органзиирани од Палестинците. Немирите избија денеска во окупираниот Западен брег и појасот Газа, откако САД го признаа Ерусалим како главен град на Израел.

Во градовите Хеброн и Ал-Бирех на Западниот брег се собраа илјадници демонстранти, извикувајќи „Ерусалим е главен град на палестинската држава”.

– Еден од демонстрантите е погоден со боева муниција, а 14 со гумени куршуми, соопштија лекарите.

Портпаролот на армијата рече дека војниците користеле опрема за растерување на стотиците луѓе кои фрлале камења.

Во појасот Газа, десетици демонстранти се собраа во близина на граничната ограда со Израел и фрлаа камења кон војниците од другата страна. Двајца демонстранти се ранети, а еден од нив е во критична состојба.

Палестинските власти повикаа на генерален штрајк во знак на протест против вчерашната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел.