Вечерва почнуваат 57. Струшки вечери на поезијата


Започнува 57. издание на Струшките вечери на поезијата, а актуелниот директор Мите Стефоски најавува уникатно и неповторливо издание во кое ќе настапат врвни светски поети, провокативни имиња од новите генерации светски поети, разнородни поетики и поетски писма на поети од триесет земји од пет континенти.

– Имаме сè што е потребно за успешен фестивал, истакнува Стефоски во интервју за МИА и жали што кратењето на финансиите станало главна тема пред почетокот на СВП и, како што вели, ги засенува работите во програмскиот дел.
– Во сите аспекти програмата на фестивалот ќе го задржи и во многу делови ќе ги надмине претходните изданија. Тоа се деловите кои не зависат од финансиите, туку од умеењето да се конципира програма со интересни учесници, да се наградат врвни поети (а такви веќе наградивме) да се понудат содржини и да се реализираат на начин кој ќе биде интересен, провокативен. И да најавам дека оваа издание во поглед на концепцијата на програмата е скоро идентично со претходното издание, оценето и од учесниците, и од публиката, и од професионалните посетители како едно од најдобрите светски изданија на кој било фестивал во последните години – вели Стефоски.
Директорот на СВП Мите Стефоски рече дека годинашниот буџет е ист како во 1999-та, а треба да се покријат трошоци како за 2018 година. За да ги задржат стандардите, покрај скратениот буџет од Министерството за култура, поддршка обезбедиле и преку соработка со странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“ и со спонзорства. Ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, рече тој, мора да се знае дека тие се поврзани со средства.
– Имаме сè што е потребно за успешен фестивал. Жал ми е што ова стана главна тема пред почетокот на фестивалот. Се разбира, многу важна, ама ни ги засенува работите во програмскиот дел, во издавачката дејност и сите оние убави нешта за кои е редно да се пофалиме, зашто зад тоа стои огромен труд, посветеност и креативност на еден голем тим на соработници, за што безмерно им благодарам. Недостигот на финансиските средства ќе влијае на предвидената Годишна програма на институцијата. Се трудевме да не го засегне (иако тешко е да се каже дека не е така) летниот фестивал. За жал, ситуацијата налагаше да успееме да покриеме голем дел од тоа што ни недостига, со тоа што фестивалот речиси половина од потребните средства ги обезбеди преку помошта, соработките и програмите во кои сме вклучени – вели тој.
Она што навистина ќе трпи, според Стефоски, е дел од издавачката програма, Зимскиот поетски фестивал, планиран за крајот на ноември, дел од програмите планирани за оваа година како проширување на дејноста и активностите пред и по фестивалот.

– Ваквото намалување тешко се амортизира, зашто зголемувањето на буџетот во преходните години беше користено за да се дигне нивото на фестивалот во неколку главни насоки, пред сè реномето на фестивалот: професионален и достоинтвен третман на учесниците по вообичаените стандарди на врвните светски фестивали во секој аспект. Подигање на реномето на наградите и перцепцијата за нивното значење и вредност во меѓународни рамки, нови аудиовизуелни пристапи во организација на настаните, нови сценографски пристапи, визуелно преобликување на фестивалот и изградба на голема дигитална поетска платформа која е во процес – вели тој.
Стефоски во интервјуто за МИА се осврнува и обидите да се преобрази фестивало со барањата на актуелниот миг, на она што еден современ поетски фестивал треба да го има, што би придонело тој да биде интересен, да ја врши функцијата на промоција на квалитетни творци, но и да привлече нова публика, читатели.
– Колку и да се добри промените, новите воведени содржини, тие по извесно време ја губат својата енергија, својата привлечност како форма да се претстави поезијата, поетите, проектите. Ако сега ја споредите програмата на СВП со сите изминати изданија, ќе видите дека освен овие маркантните настани кои се белези на фестивалот, се друго е ново, променето, или видоизменето. СВП денес е потполно поинаков фестивал од оној кој останал во предрасудите и замислата за него. Понекогаш е полесно да направите нов бренд и да го промовирате, отколку да ги убедите другите дека навистина сте ги промениле работите во познат и со традиција која ограничува. Затоа ние сме во едно состојба на постојана промена, постојана потрага по нови форми. Никакво скаменување не е дозволиво, доколку се стреми да се биде меѓу надобрите – вели Стефоски меѓудругото.
Концепцијата за СВП 2018, кои ќе се одржуваат од 22-ри до 27 август, останува како и во минатите години – да се покануваат поети со различни поетики и соодветно да се претстават. Ќе ги има меѓу 70 и 80, вклучително и макеоднски. Фокусот е на нордиската поезија, но ќе биде претставена поезија од сите континенти.
Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани се тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2018“, Адам Загајевски, на три јазици, објава на поетската книга на Паули Тапио од Финска – добитник на наградата на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на современата кубанска поезија, наслови од едицијата „Плејади“.