Велковски: Се надевам дека со напорна работа ќе успеам да бидам дел од она што е Лазаров
Македонската селекција со пораз од олимпискиот парвак Данска го заврши својот настап на Европскиот шампионат во Хрватска.
Можеби, по првата фаза од која црвено-жолтите префрлија три бода, амбициите се зголемија, но сепак, поразите на трите средби во Вараждин повторно не вратија во реалноста.
Сепак, оваа макеонска селекција покажа дека има и квалитет во младите ракометари кои допрва треба да го понесат товарот на големите натпреварувања.
Еден од нив е и Мартин Велковски кој по повредата на Кирил Лазаров достојно го замени капитенот и потврди дека на него сериозно треба да се смета во иднина.
-Се надевам дека не ја разочаравме македонската публика. Ова за мене е големо искуство. Тешко е да го заменам Кирил Лазаров. Се надевам дека со напорна работа по неколку години ќе успеам да бидам барем дел од она што е Лазаров, изјави по мечот Мартин Велковски.
Македонија првенството во Хрватска го заврши со две победи (Словенија и Црна Гора), одигра нерешено против сеуште актуелниот европски шампион Германија, а поразите дојдоа од Шпанија, Чешка и Данска.
За црвено-жолтите, ова беше петто учество на ЕП (1998, 2012, 2014, 2016, 2018), а најголемиот успех останува оној од шампионатот во Србија (2012 година) кога Македонија заврши на петтото место.