Буџетски пари и за противниците на референдумот
Владата ќе даде 80 милиони денари, или 1,3 милион евра, за медиумско претставување на Собранието околу референдумот. Како што соопшти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, таа останува доследна на ставот дека нема да троши јавни пари за каква било кампања, вклучувајќи го и плебисцитарното изјаснување за договорот со Грција.
Во таа насока, како што велат од извршната власт, се почитуваат одредбите од Законот за референдум, но и правилникот и упатствата од ДИК и Агенцијата за медиуми. Парите обезбедени од буџетот ќе може да ги користат пратениците за да водат кампања согласно нивните ставови. Доколку некој не сака да учествува, парите остануваат во буџетот. Собранието може, но и не мора да ги потроши сите пари. Тоа ќе зависи од обемот на кампањата што ќе ја води Законодавниот дом. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во буџетот, соопштија од Владата.
Вчера и Собранието се обиде да ги реши сите нејаснотии што се појавија околу тоа колку пари ќе се издвојат за референдумот и кој (смее) да ја води претстојната кампања. На редовна координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, на која присуствуваа потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, освен на ВМРО-ДПМНЕ, беше одлучено да им се дадат финансиски средства на сите пратеници без оглед дали се „за“, „против“ или бојкот, за да можат да ги изразат пред јавноста своите ставови и аргументи. Парите ќе се делат пропорционално – според бројот на пратеници во пратеничките групи, а Собранието за оваа намена ќе отвори посебна сметка. Со оглед на тоа што поголемиот дел од народните избраници се „за“ договорот со Грција, повеќе од половина од буџетските средства ќе бидат наменети за афирмативна кампања.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму нема став околу изјаснувањето на референдумот. Останува нејасно дали најголемата опозициска партија ќе го повика членството на бојкот, ќе им порача на граѓаните да излезат и да гласаат против или, пак, ќе остави секој да постапи според сопственото убедување.
Претседателот Талат Џафери вчера најави дека ќе контактира со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување можен договор за водењето јавна пропаганда. Координаторот на пратеничката група, Драган Данев, не одговараше на телефонските повици за да ја искоментира одлуката за распределба на финансиските средства што падна на координација.
Во очекувањето на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ засега единствено пратеникот од редовите на оваа партија Антонио Милошоски се изјасни дека ќе го бојкотира референдумот. Наспроти тврдите најави за бојкот на својот лидер Стевчо Јакимовски, пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов, вчера порача дека пратениците треба да водат кампања со која ќе ги поттикнат граѓаните демократски, слободно да оценат дали ќе излезат и дали ќе се изјаснат на референдумот.
„Сметам дека најоптимално, најприфатливо решение за учество во кампањата е како пратеници на граѓаните кои се наш електорат, кои ги комуницираме, да оставиме слободно, согласно своите оценувања и своите одлуки да учествуваат или да не учествуваат на референдумот, да се изјаснуваат позитивно или негативно за многу добро познатото прашање на референдум и многу добро познатите цели и последици кои произлегуваат од консултативниот карактер на референдумот и исходот од него“, рече Минов.
Неговиот шеф Јакимовски секој понеделник мора да се пријавува во Кривичниот суд, според мерката на претпазливост што му беше изречена откако Финансиската полиција го осомничи за злоупотреба на службената положба при спроведување на два тендери. Непосредно пред да пукне аферата, која тој ја окарактеризира како обид да се изврши притисок во пресрет на референдумот, беше уловен како шета во друштво со екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тогаш беше категоричен дека и тој и неговата партија ќе бојкотираат, додека Груевски не се изјасни.
Владата во кампања на интернет за 400.000 денари
Покрај Собранието, и Владата ќе спроведе кампања од јавен интерес во врска со распишаниот референдум. Ќе се користат неколку комуникациски алатки: комуникација со и преку медиумите, соопштенија за јавноста, брифинзи, изјави, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радиогостувања.
Ќе се води и интензивна кампања преку социјалните медиуми – Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за што Владата ќе потроши средства во износ од 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат. Останатите комуникациски алатки, како што се наведува во соопштението, ќе се реализираат во рамки на редовните владини активности – теренски посети, неформални средби, состаноци, гостувања и учество на јавни настани.
„Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективност, пропорционалност и рационалност“, велат од Владата
Наум Котевски