Бејли: Враќањето на опозицијата во Парламентот е клучно за демократијата
Американскиот амбасадор Џес Бејли вечерва оцени дека е многу важно што ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Парламентот, како водечка опозициска партија.
– Силна, активна опозиција во Парламент која ќе разговара за закони е клучно за една демократија, посебно за една европска демократија, рече Бејли во интервју за 24 Вести.
Што се однесува до процесот на реформи, тој рече дека не е важно само да се изгласа некој закон, туку дека треба да се смени функционирањето на институциите и функционирањето на луѓето.
– Не е работата само некој закон да се изгласа, туку има случаи треба да се смени културата на некои институции и на политичкиот живот во државата, рече американскиот амбасадор.
Во однос на спорот со името и влезот на Македонија во НАТО, Бејли кажа дека е најважно да се реши прашањето со името и оти Декларацијата на Самитот во Букурешт го подвлекува токму тоа.
– Мислам дека сега постои голема шанса, бидејќи македонската и грчката Влада се посветени да се најде решение. Решавањето на ова прашање е добра работа за регионалната стабилност. Билатерaлните односи ќе се подобрат. Ќе се отворат области за соработување во бизнис секторот и во трговијата. Тоа е во интерес на двете држави, во интерес на Европа и на трансатлантска безбедност. Ова е многу важна шанса која не смее да се пропушти. Како што времето поминува, ќе биде се потешко, смета амбасадорот Бејли.