Белгија пак покажа моќ и во меч со седум гола го „уништи“ Тунис


Русија- Фудбалската селекција на Белгија одигра уште еден моќен натпревар на Светското првенство (СП) во Русија и е на чекор до пласман меѓу 16-те најдобри на планетата. По победата од 3-0 над Панама, „ѓаволите“ предводени од фантастичните Еден Азар и Ромелу Лукаку го понижија Тунис, кој на крај беше поразен со убедливи 5-2 (3-1).

Денешниот меч може да се окарактеризира како најатрактивен и највозбудлив од досегашниот период на СП. Белгијците перфектно ја пренесоа тактичката замисла на селекторот Мартинез, играа допадлив, брз и атрактивен фудбал, постигнаа ефектни голови и дефинитивно се наметнаа како сериозни кандидати за највисок пласман. Тунис пак, иако прими пет гола одигра солиден меч и во ниту еден момент не отстапи од отворениот пристап на игра. За жал постигна само еден погодок, но да не беше Куртоа на голот на Белгија, сигурно дека ќе имаше уште неколку радости за туниските фанови.

Мечот започна со спорен пенал за Белгија, кој крена полемики околу неговата регуларност. Фудбалерот на Челзи, Азар, тргна кон казнениот простор на Тунижаните, но беше сопрен од дефанзивецот Јусеф, па главниот судија Маруфо веднаш покажа на белата точка. Американскиот судија веднаш побара помош од ВАР-судиите, кои само ја потврдија неговата одлука и токму Азар со прецизен удар донесе белгиско водство (1-0).

Тунижаните уште несоземени од почетниот шок, Белгија стигна до предност од 2-0, откако првиот напаѓач Лукаку на асистенција на Мертенс биеше неодбранливо за искусниот голман Бен Мустафа. Сепак, африканската селекција успеа брзо да ја врати негативата на само еден гол. Во 18. минута Казри упати прецизен центаршут во срцето на казнениот простор на Белгија, а Брон со прецизен удар со глава намали на 2-1. Но, тоа не беше сè во првиот дел во Москва. Расположениот Лукаку со својот втор денешен и вкупно четврти на овој Мундијал зголеми на 3-1 за Белгија, резултат со кој се замина на одмор.

Вториот дел беше отворен со една полушанса на Тунижаните и со нов гол на Еден Азар. Првиот организатор на играта на „ѓаволите“ Кевин Де Брујне испрати топка со очи до Азар, а овој прво мајсторски го измами и помина противничкиот голман, па небрането од никого стрелаше за 4-1.

До крајот на мечот воглавно се играше на средината на теренот, Тунис имаше неколку обиди од далечина, додека две колосални шанси за 5-1 пропушти нововлезениот Мичи Батчиуји, но најпрво биеше млако, а во вториот обид ја стресе пречката од тунискиот гол. Сепак, фудбалерот на Челзи во 90. минута успеа да се запише во листата на стрелците и да зголеми на 5-1, но Тунис веднаш возврати и Казри ги постави конечните 5-2.

Вториот натпревар од оваа фаза на групата Г меѓу Англија и Панама ќе се одигра утре од 14.00 часот, а со евентуална победа на „Гордиот Албион“ и математички Белгија и Англија ќе обезбедат место во осминафиналето