Баша треба да му плати 400 евра на социјалистички пратеник за навреда


Суд во Тирана донесе пресуда дека лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската патија, Љуљзим Баша, треба да му плати 50.000 леки (406 евра) отштета на пратеникот на владејачката Социјалистичката партија, Таолант Бала, поради навреда.

Бала поднесе кривична пријава за навреда против Баша, откако лидерот на демократите изјави дека тој е поврзан со шверц на 3,4 милиони евра, кои албанската полиција ги открии во автомобили што минатото лето пристигна во албанскиот пристанишен град Драч.

– Историска одлука, изјави Бала по соопштувањето на судската пресуда,  додаваќи дека ќе поднесе уште една пријава против Баша, овој пат во „граѓанска постапка“.

Добиените пари од отштетата, тој најави дека ќе ги даде за изградба на градинка.

Адвокатот на Баша, Газменд Барди одлуката на Судот ја оцени како смешна и најави жалба.

Во најголемото албанско пристаниште Драч на 25 јуни минатата година, запленети 3,47 милиони евра, откриени во два автомобила на влез во Албанија.

Парите беа откриени во два автомобила марка „Тојота Јарис“ без регистарски таблички, кои заедно со уште седум други возила биле транспортирани од Белгија од страна на албанска фирма регистрирана за транспрот. Деталната контрола на возилата следела по дојава на Европол, откако камионот на кои биле натоварени автомобилите пристигнал со траектот што сообраќа на релација Анкона-Драч.

Неколку дена пред настанот Баша го обвини Бала дека „пред три дена бил во Германија и купил автомобил „Тојота Јарис“ натоварен со 1,5 милиони евра од продажба на дрога“.

Бала негираше дека бил во Германија, а ги спомна имињата на социјалистката Мими Кодели и демократите Љуљзим Баша и Сали Бериша, како албански политичари кои во тој период биле во Германија и поднесе кривична пријава против лидерот на демократите.