Аница Добра гостинка во Скопје: Слободата ја носиме во себе


Српската театарска и филмска актерка Аница Добра е годинешна гостинка на 3. издание на филмскиот фестивал „Киненова“. Југословенската ѕвезда пристигна во Скопје и рече дека наградувањето за нејзината долгогодишна кариера е одлична причина што повторно доаѓа тука. На Добра ќе и биде врачена наградата за посебен придонес во филмската дејност, а во нејзина чест ќе биде прикажан и филмот „Жената со скршен нос“ на Срѓан Кољевиќ од 2010 година, во кој таа игра една од главните улоги.

– Се чувствувам како да сум се вратила дома. Убав е поводот за кој доаѓам тука. Денеска повеќе од кога било филмот треба да се соочи со проблемите на денешницата и преку филмот да стигнат до публиката. Во таа смисла, оваа награда за мене има голема тежина и почестена сум – рече таа.

Аница одговраше и на новинарски прашања поврзани со нејзината кариера, за ангажманите во Германија, како и за филмот „Како пропадна рокенролот“ од 1989 година во кој таа игра клучна улога.

– Тој филм нè предупредуваше на турбофолкот и во тоа време додека го снимавме сметав дека е премногу филмски, но животот потоа нè демантираше и реалноста беше поголема од она што го шпокажавме во филмот – рече Добра.

Таа зборуваше и за начинот и условите да се работи во тоа време, споредено со денешното време, но рече дека цензура имало и тогаш и сега, а тоа е недопустливо во уметноста.

– Денеска има повеќе цензура или автоцензура која е поопасна. Но, слободата не треба да ја чекаме, ние ја носиме во себе. Не сметам дека сум закопана во мрак, туку сум засадена во мрак и прашање на време е кога таа билка ќе никне. Човекот има избор и е она што мисли дека е. Затоа филмот и креативноста денес се поважни од кога било. Уметноста не би смеела да има граници и во тоа е нејзината цел. До каде ќе дотуркаме зависи исклучиво од нас – рече таа и додаде дека денешните млади актери и воопшто уметници се единствената надеж и се оние кои ќе го најдат патот.

Младите, рече таа, се посупериорни во ова неблагодарно време за уметноста. Таа редовно работи со студенти и секогаш кога е слободна работи на студентски филмови, бидјеќи тоа ја враќа на корените.

– Некогаш беше чудно на аудиција да се појави актер што умее и да пее. Денес младите и пеат, и зборуваат по три-четири странски јазици, јаваат коњи и умеат да готват во исто време. Верувам се повеќе во младите кои можат многу работи да прават одеднаш. Тие ќе го најдат свој пат зашто тие се од ова време и го живеат ова време. Ние потешко се приспособуваме – рече Добра.

Според неа, успехот во кариерата и се должи на случајностите, односно дека сретнувала вистински луѓе, на вистинско место во вистинско време.

Фестивалот „Киненова“ официјално ќе трае од 5 до 10 октомври. Покрај филмовите за награди, ќе има и ревијална програма, а земја во фокусот годинава е Норвешка од каде ќе има пет филмски остварувања.

– „Киненова“ и покрај сите финансики ограничувања и годинава ќе понуди висок стандард, програмски, и технички, за разлика од некои фестивали кои беа поддржани од Агенцијата за филм, а се прикажуваат со многу низок квалитет, рече директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ.

(И.Н.)

Фото:Борис Грданоски