Ана Дурловски се огласи преку австриски портал: Премногу си ги отворивме устите!


„Оперската певица и национален уметник, Ана Дурловски доживеа драма надвор од сцената“ – е веста која денес ја објави австрискиот медиум Клеине Зеитунг. Како што истражува „Фокус“,  според објавената сторија, певицата и сопруга на осомничениот за тероризам оперски певец, Игор Дурловски, по претставата во „Ариоданте’’ во државната опера во Штутгард се пожалила дека во Македонија луѓето се плашат, не постои владеење на правото и слобода на печатот.

„Сигурна сум дека тој е невин’’ – изјавила Дурловски.

Исто така, таа раскажала како Игор бил приведен од страна на 15 униформирани лица, во шест часот наутро пред нивниот најстар син.

„Адвокатите зборуваат за политички прогон. Конкретни обвинувања, па дури и докази против Игор, не постојат досега“ – ги пренесува изјавите на певицата медиумот.

Ова е прв пат таа да се огласи јавно по приведувањето на нејзиниот сопруг, кој е еден од тројцата организатори на протестите „За заедничка Македонија“.

Основниот суд Скопје 1 на барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, му одреди 30 дена притвор.

Оперскиот певец и поранешен директор на МОБ е еден од 36-те осомничени во истрагата на обвинителството за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое што најмалата казна е 10 години затвор.

Ана Дурловски не се огласи во ниту еден македонски медиум, и ја даде првата изјава за австрискиот портал Клеине Зеитунг.

Таа се појави на македонската оперска сцена во 2000 година. Во 2015 година година ја доби титулата Национален уметник, највисокото признание во областа на културата. Врз основа на титулата, доживотно секој месец добива 60.000 денари.