„Алијансата“ на чекор до коалицијата со Беса?
На повидок е реактивирање на соработката меѓу „Алијансата за Албанците“ и движењето Беса. Извори блиски до двете партии за „Независен весник“ потврдуваат дека се на чекор до повторно формирање на коалицијата меѓу „Алијансата“ и Беса. Ова стана реално по официјалното напуштање на „Алијансата за Албанците“ на владината коалиција и селењето во опозиција, при што следуваше средба меѓу Зијадин Села и претседателот на движењето Беса, Билал Касами. Токму на таа средба тема на разговор меѓу двајцата опозициони лидери беше можната повторна соработка, со што би се спротивставиле на евентуалното влегување на ДПА во Владата со ДУИ.
Ова нема да биде прва коалициска соработка меѓу „Алијансата“ и движењето Беса. Тие соработуваа и минатата година во вториот круг на локалните избори. Во кампањата на Беса за локалните избори првиот човек на оваа партија, Касами, тогаш изјави дека е задоволен од соработката со Села и истата произлегла како резултат на барањата што ги имале нивните гласачи и поддржувачи.