Албански студенти ќе штрајкуваат со глад ако не се провери потеклото на имотот на професорите


Дождливото време не ги спречи  илјадниците студенти денеска да протестираат пред Министерството за образование во Тирана. Освен осумте барања кои вчера ги соопштија, тие денеска побараа да биде спроведен ветинг, односно проверка на потеклото на имотот на професорите, носејќи со себе фотографии на професори, кои според нив барале мито од студентите за испит.

Доколку барањата не им бидат исполнети најавија дека од вторник ќе стапат во штрајк со глад.

– Ќе чекаме до вторник. Доколку министерката Линдита Никола и премиерот Еди Рама не ги исполнат нашите барања, почнуваме штрајк со глад, соопштија студентите.

Тие и понатаму не дозволуваат политизирање на нивните протести а не им дозволија да им се придружат и жителите од населбата „Астир“, чии домови треба да се рушат поради изградбата на големата обиколница а кои протестираат повеќе од еден месец.

Во моментот кога министерката Никола излезе од министерството и се обиде да влезе меѓу толпата, придружувана од телохранители, беше пречекана со извици на незадоволство, по што се врати назад во министертвото.

Студентите не прифатија преговори, туку единствено директно решение на нивните барања, па во моментот кога Никола сакаше да разговара со нив почнаа да извикуваат „срам, срам“.