Алаѓозовски: Македонија го поддржува концептот на култура на изградба
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска во Давос, Швајцарија, се обрати на конференцијата на министрите за култура од земјите – потписнички на Европската културна конвенција и земјите набљудувачи на Советот на Европа.
Од Министерството за култура соопштија дека Алаѓозовски ја истакнал поддршката на Македонија за Декларацијата, која го промовира концептот на култура на изградба (Баукултур).
На конференцијата, министрите за култура ги усогласуваат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата, Баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока општествена смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот.
Во обраќањето, министерот Алаѓозовски посочил дека овој концепт доаѓа во вистинско време, кога Македонија се соочува со сериозни предизвици во однос на диспропорционалниот раст и развој на нејзината територија поради миграциите и економската криза, со недостиг на грижа и одговорност за средината и нејзините вредности, со намалување на квалитетот на градењето, загуба на регионалните традиции.
– Силно верувам дека треба да го прифатиме концептот на висококвалитетен Баукултур, како одговорен и самосвесен чин на грижа за вредностите на средината и заедницата, на неколку нивоа кои бараат заеднички напори, потенцирал министерот Алаѓозовски, посочувајќи го просторното планирање, грижата за културното наследство како потенцијал и ресурс за регенерација, но и целокупното подигнување на квалитетот на изградба, вештините и знаењата на сите вклучени во процесот како области на кои треба да се посвети особено внимание.
Како Министерство и Влада, истакнал Алаѓозовски, сме во процес на донесување на Националната стратегија за културен развој 2018-2022.
– Во овој контекст, со гордост ве информирам дека во оваа Национална стратегија веќе се осврнуваме на оваа Декларација и отелотворуваме дел од нејзината содржина. Нека биде тоа наш почетен придонес во нејзиното побрзо спроведување. Затоа, јас сум повеќе од среќен да ја поддржам Декларацијата од Давос од 2018 година, очекувајќи ја со радост Европа на висококвалитетен Baukultur“, рекол Алаѓозовски во говорот пред министрите за култура на конференцијата во Давос.
Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон Баукултур, како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини. Висококвалитетниот Баукултур одржувајќи социјална кохезија и благосостојба, ќе поттикне енергични, динамични и мешани населби, ќе ја заштити животната средина и ќе генерира позитивна економска вредност. Со својата визија, која ја опфаќа целата изградена средина и е насочена кон општото добро, концептот додава клучен аспект на идејата за одржливост, соопштија од Министерството за култура.