Адам Загајевски: Кој е добитникот на „Златен венец 2018 “?
Утре во Струга, во рамките на СВП, прес-конференција ќе одржи годинешниот добитник на „Златниот венец“, полскиот поет Адам Загајевски (73), а в сабота ќе се одржат поетско кафе и поетскиот портрет со добитникот.
Загајевски, зад себе има интересна семејна историја и творештво кое било забранувано во неговата татковина. На младите поети им советува интелектуална љубопитност, но не и „работа“ во класичната смисла на зборот.
Една недела по нападите од 11 септември, Њујоркер на задната корица ја објави „Обиди се да го славиш унакажаниот свет“ на Адам Загајевски. Иако песната беше напишана година и пол претходно, таа сосема се вклопи во колективната тага на моментот, но и на славењето на животот кој продолжува.
Додека неговата поезија го слави поединечниот живот, овој полски дисидент, кој ја напуштил Полска во 1975, го отфрла секој систем, за кој вели дека во принцип е „ментален отров, скапано јаболко на умствениот живот“. Долги години предавал на Универзитетот во Хјустон, сега повремено предава на Универзитетот во Чикаго, а остатокот од годината (од 2002) живее во Краков со сопругата Маја, која е психотерапевт.
Негова последна книга преведена на англиски беше „Мало претерување“ (2017), мемоар кој ги покрива неговите дваесет години минати во Париз, пријателствата со други славни поети како Збигњев Херберт или Јозеф Бродски и историјата на неговото семејство, особено нивното протерување од Л`вов (денешна Украина), во Гливице, Полска. Така, оваа книга од автобиографија станува и историја на едно време, со интересни детали кои не се среќаваат во историските читанки туку се повеќе дел од интимните биографии. Како кога неговиот дедо пред Првата светска војна инсистирал неговите деца да научат неколку според него суштински вештини – пливање, стенографија и германски, а десничарската фамилија на мајка му ретко зборувала за нејзината сестра, која умрела рано од туберклоза, а се движела во комунистички кругови.
Во подолго интервју за Los Angeles Review of Books, запрашан кои три вештини тој би им ги советувал на младите поети денес, тој вели: првата би била интелектуалната љубопитност. Истовремено, тоа би била и втората, и третата. Да се советува „работа“ на поет е контрапродуктивно, бидејќи понекогаш неправењето ништо може да биде поплодно, способноста да се биде на штрек, без да се прави нешто конкретно. „Животот е потценет, а поезијата не претерува“, вели тој.