Агенцијата за филм и ДФРМ – партнерски ќе го унапредуваат македонскиот филм


Агенцијата за филм на Република Македонија и Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги зајакнуваат заложбите за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство. За таа цел Меморандум за соработка  денеска потпишаа директорот на Агенцијата Горјан Тозија и претседателот на ДФРМ Игор Иванов-Изи.

– Филмови кои се случуваат овде и сега и говорат за предизвиците со кои се соочуваат актуелните генерации, го опишуваат и критикуваат општественото секојдневие, во обид да ја разобличат неговата застранетост, ќе бидат делата кои ќе го означат новиот почеток на македонското кино. Особен фокус ќе биде ставен на младите автори, европските копродукции и документаристиката, додека пак возобновувањето на македонскиот анимиран филм ќе претставува еден од клучните приоритети, наведуваат во заедничко соопштение Агенцијата за филм и ДФРМ.

Друштвото на филмски работници на Македонија, кое е основано во 1950 година и на чија иницијатива произлезе и основањето на Агенцијата за филм (претходно Филмски фонд на РМ) наведува дека долго време било исклучено од процесите на креирање стратегија и легислатива во доменот на филмот, што е негова примарна улога.

– Беше соочено со притисоци кон членовите да преминат во новосоздадени здруженија, обиди да му се одземе фестивалот „Браќа Манаки“, да му се оспори лиценцата за избор на македонски кандидат за Оскар. Во истовреме, Агенцијата за филм беше претворена во херметична институција која ги окупира сите надлежности поврзани со филмското производство, често работејќи под нетранспарентни и сомнителни околности, од кои прозлегоа и се уште произлегуваат вртоглави долгови, поддршка на партиски мотивирани проекти, индиции за несовесно постапување и ненаменско искористување на средствата наменети за филм, стои во соопштението на двете институции.