Зошто Владата не ги објавува патниците во авионот?
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници? – праша денес СДСМ, по упорните одбивања од Владата да покаже документ со кој ќе го поткрепи тоа што го тврди пред јавноста.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го пропуштил комерцијалниот лет за враќање, па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит.
Генералната декларација е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело. Граѓаните го плаќаат авионот. Граѓаните ги плаќаат летовите. Граѓаните ги плаќаат трошоците за екипаж, одржување и гориво. Затоа граѓаните имаат право да знаат – кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?
Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите“, бараат од СДСМ.
Од опозицијата ги коментираат и тврдењата од Владата и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека авионот им бил „многу мал“.
„Маските паднаа, граѓаните го видоа нивниот патриотизам на дело. За големите „патриоти“ на ВМРО мора да има и голем авион, вели СДСМ. Многу држави, дури и членки на ЕУ, имаат постари авиони од македонскиот владин авион. Хрватскиот владин авион е 27 години, словенечкиот 23 години, црногорскиот 27 години, а македонскиот 20 години. Во најбогатата земја во светот, САД просечната старост на флотата е 15,4 години (податоци од 19 февруари 2026 година).Само на Мицкоски и Сиљановска авионот им е „стар“ и „мал“ па мора нов – и тоа поголем.
Тоа е нивниот „патриотизам“. За нив луксузирањето е пред сè, пред потребите на граѓаните, пред работниците, пред земјоделците. Не прават споредби со платите во регионот, а фактот е дека македонските работници имаат најниска минимална плата. Не прават споредби со животниот стандард на граѓанитеа актот е дека македонските граѓаните имаат најнизок квалитет на живот во Европа.Само во луксузирање, тендери и авиони им е паметот.Тоа е „патриотската“ матрицата на една корумпирана и криминална власт“, се вели во соопштението.