Зошто Владата крие колку платила за приватниот лет за Будимпешта?


 
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека платите се доволно високи и не треба да се зголемуваат, немаат никаков проблем да патуваат низ Европа со приватни чартер летови на партиски посети, реагира СДСМ на пишувањата на медиумите за посетата во Будимпешта со авион на турска комерцијална компанија. 
 
-Веќе трет ден молчат и не откриваат колку чинел летот со приватна авиокомпанија, со кој педесетина претставници на Владата и медиуми отпатуваа за Будимпешта. Мицкоски, познат по тоа што „го болат колената“ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер.
 
Откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор: колку чинеше ова патување? Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати.
 
Оваа ароганција и расипништво не е запаметена кај ниту една претходна Влада. Мицкоски има пари за сè – освен за граѓаните. И тоа е сè што треба да се знае за неговото владеење и политиките на ВМРО-ДПМНЕ, оценија од СДСМ.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ пак место да одговорат колку чини летот, бидејќи тоа ги интересира граѓаните, ја сменија темата.

-Чудна е пасијата на СДС да води полемика за авио сообраќајот и да спомнува авио летови. Можеби таа пасија доаѓа од прикажните дека нивниот идеолошки гуру, Зоран Заев, до скоро поседувал акции во една индиска авиокомпанија која пред кусо време беше продадена, а чии акции можеби сеуште постојат во една од постоечките авио компании.Ако ова е точно, добро е СДС да си провери чија била сопственоста и како нивниот се уште неформален лидер стасал до авиокомпанија во Индија? Каква пак е поврзаноста на Венко Филипче со овој случај? И како Заеви од просечно земјоделско семејство стасаа до сопствеништво на авио компании?Од СДС нека си проверат, и нека одговорат, ќе ги поочекеме. Институциите не треба да чекаат. Сигурно работат, се заканија од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквиот одговор за СДСМ е тажен и очаен спин. 

-Тажни и очајни делуваат соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ секој пат кога ќе бидат фатени во скандал. Наместо да одговорат зошто се луксузираат на грбот на граѓаните, кои тонат во сиромаштија, тие се обидуваат да манипулираат и да го пренасочат вниманието.Мицкоски тврди дека нема пари во буџетот за плати, нема средства за субвенции за електрична енергија, нема средства за минимална плата, нема пари за ништо – освен за приватни летови, тропско овошје и луксуз за Владата. Само за тоа има пари во буџетот.

Оваа стратегија на пренасочување на вниманието и лажни тврдења кога се во тесно, одамна е прочитана. ВМРО-ДПМНЕ не ја смени својата тактика повеќе од дваесет години. Како и што работи поранешниот претседател на СДСМ, не е од интерес за граѓаните – тој не е претседател на партијата веќе четири години.Граѓаните сакаат одговори – дали и кога оваа Влада ќе направи нешто за да им го подобри животниот стандард?

Додека СДСМ беше на власт и премиер беше Зоран Заев, платите се зголемија за речиси 100%, се субвенционираше струјата за граѓаните, цените се држеа под контрола и имаше рекордни субвенции за земјоделците. Овие факти не можат да бидат избришани со манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од опозицијата.