Зошто Собранискиот канал не ја пренесува седницата на Уставната комисија?
Собранието и Собранискиот канал како да се надвор од она што се случува во општеството. Објаснувања може да има, но оправдувања не

Може да има вакво или онакво објаснување и толкување што може, а што не може да пренесува Собранискиот канал во директен пренос, но нема оправдување зошто не се пренесува седницата на Комисијата за уставни прашања, која почна со десетдневната расправа денеска.
Општеството цела година е сведок а и дел од жестоката политичка и друга расправа на оние кои се за или против во Уставот да се внесат припадниците и на други етнички малцинства (меѓу кои и припадниците на бугарскиот народ), согласно одредба во преговарачката рамка со ЕУ. Кога секој ден се пренесуваат изјавите на политичарите зошто треба или зошто не треба да се направат уставните измени, Собранискиот канал, а и самото Собрание денеска како да се на сосема друга планета.
Во јавноста има огромно интересирање за тоа што ќе се каже на седницата на Комисијата за уставни прашања и какви ставови ќе заземат пратениците од различните политички партии. Кој мисли дека треба да се усвојат предложените уставни измени што ги испрати Владата, а кој мисли дека тоа е некакво понижување за Македонија. Па затоа е несфатливо Собранието, а и Собранискиот канал, да се однесуваат како ова да е вообичаена парламентарна активност. Или редовна седница на Собранието.
Преносот оди во живо на каналот на Собранието на Јутјуб, но тоа не е доволно. Голем дел од јавноста не се труди да го бара каналот на Јутјуб, а не денеска да ги гледа по кој знае кој пат репризите на Македонските нарадни приказни, наместо да „биде дел“ од толку важната расправа за иднината на општеството, дали тоа ќе оди кон ЕУ или ќе застане. (Н.В.)