Зошто РЕК „Битола“ и „Осломеј“ отидоа под времена управа? Работите не се добри, дури и критични
Ситуацијата во РЕК „Битола“ е тешка. Времениот управник треба да му помогне на актуелното раководство на комбинатот за справување со проблемите
Времена управа во двата енергетски комбинати – РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ – се поставува кога работите не чинат. Времената управа треба да направи обиди актуелната ситуација да дојде на некое нормално ниво и комбинатите да продолжат со нормална работа.
Но, над сето ова стои еден голем прашалник затоа што Македонија веќе потпишала договори со Енергетската заедница на Европа за „затворање“ на овие термоблокови до 2030 година, вели за „Независен“, Спире Мавровски, поранешен директор на рудници во РЕК „Битола“, поранешен член на Надзорниот одбор на АД ЕСМ и МЕПСО и еден од најдобрите познавачи на работата на комбинатот.
Од денеска РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ имаат времени управници, Иван Куковски е новиот координатор на РЕК „Битола“, додека Владимир Пејоски во РЕК „Осломеј“. Ова е одлука на Управниот одбор која според ЕСМ се темели на уверувањето дека долгогодишното искуство и познавање на состојбите во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“ на новоименуваните координатори значително ќе придонесат за зголемување на доверливоста на комбинатите. Нивниот ангажман ќе биде примарно фокусиран на успешна реализација на енергетскиот биланс и одржување на стабилен енергетски систем во претстојните зимски месеци, наведува ЕСМ.
Спиро Мавровски во разговор за „Независен“, пак, смета дека времената управа во овој момент покажува дека работите во РЕК „Битола“ не се онакви какви што треба да бидат. Тој смета дека намаленото производство во однос на ископ на јаглен и производството на електрична енергија доведуваат до непријатни состојби во енергетскиот систем, а со тоа и генерално до неповолни економски и финансиски состојби за Македонија.
„Моменталното купување јаглен, мазут и на крајот електрична енергија чини пари и прави директни финансиски проблеми. Ваквиот начин на работење кога производствената цена на електричната енергија е поголема од продажната кажува дека комбинатот во старт работи со загуба. Таа загуба е тешко надоместлива затоа што сето ова што е од увоз на јаглен, увоз на мазут учествува во крајната цена на мегаватот и генерално продуцира само зголемени трошоци“, смета Мавровски.

Според неговото стручно гледиште, состојбата во РЕК „Битола“ повеќе од 10 години е тешка и влегува во, како што вели, „критична фаза“.
„Состојбата е критична гледајќи го производството на електрична енергија, гледајќи го ископот на јаловина и јаглен во рудниците на РЕК ‘Битола’ и сето тоа не обезбедува една сигурна и безбедна работа на комбинатот. Ова значи ако РЕК ‘Битола’ не функционира како што треба тогаш и ЕСМ полека згаснува. Кога РЕК ‘Битола’ во минатото произведуваше 75 проценти од вкупната количина на електрична енергија во државата, тогаш Македонија немаше никакви енергетски проблеми. Но тие времиња дефинитивно завршија“, смета Мавровски.
Според Мавровски, во РЕК „Битола“ ова е втора принудна управа од отворањето на комбинатот. Тоја наведува дека разликата е што пред 36 години во комбинатот имало специфична ситуација со уривањето на косиот мост и борба за работнички права, а сега е сосема друга ситуација, неспоредлива.
Тогаш за времен управник беше назначен Јован Андонов – Реган, кој даде придонес во рестартирањето на РЕК „Битола“ за рекордно брзо време, за помалку од една година го доведе во нормала работењето на комбинатот, по уривањето на филтерот и косиот мост во 1989 година.
„Ваква времена управа јас паметам кога за времен управник беше поставен Јован Андонов – Реган во 1989 година, кога сите овластувања беа кај времениот управник. Тогаш имаше проблем во производството и се урна косиот мост и како реакција на тогашниот владата дојде до времена управа. Тогаш во РЕК ‘Битола’ имаше штрајк заради покачување на платите. По штрајкот се случи паѓањето на косиот мост и поставувањето на времениот управник. До денес не е расчистено како се случи паѓањето на косиот мост. Тогаш двата блока не добиваа јаглен, тешка ситуација. Но пак ќе кажам, не може да се спореди со оваа денес“,наведува Мавровски.
Како човек кој целиот свој работен век го поминал во РЕК „Битола“ и бил на раководни функции, Мавровски наведува дека за надминување на оваа ситуација со времената управа прво треба да има консолидација во комбинатот, тоа значи искористување на сите ресурси, како материјални така и човечки, и потребни се натчовечки напори од сите вработени за комбинатот да продолжи со работа и енергетскиот сектор да застани на здрави нозе.
„Претпоставувам дека времениот управник ќе ја има директната поддршка од Владата на Македонија во решавање на проблеми во РЕК ‘Битола’, кои во овој момент го загрозуваат опстанокот и производството на електрична енергија во комбинатот. Апел до вработените на РЕК ‘Битола’ – ова е вонредна состојба и тука не треба размислување во однос на дадени задачи и извршување на истите. Посакувам РЕК ‘Битола’ да излезе од оваа криза што побрзо“, наведува Мавровски.
По информацијата од АД ЕСМ за времена управа во двата комбинати РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ појаснуваат дека доаѓањето на времените управници не подразбира кадровски промени на раководните лица во комбинатите.
„Станува збор за одлука од времен карактер, донесена со цел дополнително динамизирање на работните процеси. Во овој момент не се предвидени кадровски промени на раководните позиции. Главната задача на назначените координатори е да му пружат директна поддршка на менаџментот во двата комбинати, со цел побрза и поефикасна реализација на веќе утврдените производствени планови. Нивните овластувања се во целосна согласност со досегашните надлежности на членовите на раководството, што овозможува непречена координација и зајакнување на оперативниот капацитет“, одговорија од РЕК „Битола“ за „Независен“.
Инаку за состојбите во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ пред некој ден зборуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за РСЕ. Таа рече дека наследиле големи проблеми во сите енергетски сектори и моментално работат на изработка на Законот за енергетика, а најголем фокус е ставен на обезбедување на електрична енергија за граѓаните. Таа рече дека се прават краткорочни и долгорочни стратегии и дека „краткорочните се фокусирани на рударскиот комбинат РЕК ’Битола’ и снабдување на јаглен и ангажирање на сите енергетски капацитети“, додека долгорочните се правање на нови капацитети.
Божиновска во интервјуто наведува дека била во РЕК „Битола“ за лично од терен да ги согледа состојбите.
„Бев неколку пати во посета на РЕК ‘Битола’ и ќе се трудам еднаш месечно минимум да одам и да ја видам ситуацијата на теренот. Она што го видов, можам да кажам дека е катастрофална ситуација, недомаќинско работење, не е водено грижа ниту за блоковите, не е направен никаков ремонт, неквалитетниот јаглен има доведено до многу оштетувања. Меѓутоа, сега сме во зимскиот период и ние направивме, значи со раководството на РЕК, со натчовечки напори беше изготвен во соработка со Рударскиот институт од Штип – рударски проект, значи за до крајот на зимата. А за оваа година ќе се работи на зајакнување и нормализирање на блоковите и ќе има сериозен ремонт од 1 април па натаму“, наведува Божиновска. (Н.В.)