Зошто Рама е за уривање, а Мицкоски за градење?


Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски од општина Брвеница  дека „неговата филозофија во животот е да гради, а не да урива“ не престанува да предизвикува реакции, бидејќи беше сфатена како повик за нелегално градење, како најава дека ќе ги толерира дивоградбите , па и како промовирање безаконие и анархија. 

„Како беше кај нас тоа бабините деветини- не сум по рушењето, што е започнато да се догради?! Ене го и Лагадин хотелот и оној кај Инекс, пола Галичица, цела Шара, Маврово, Шапка, пуста Пластичара и познатиот Чаир…А, да, и т.н споменик на Мајка Тереза кој бил поевтино да се догради(колку е ружен, страва) и ужасните бродови во Вардар и засекогаш уништената чаршија шти е претворена во прематарска улица.

Македонија не е само депонија и ѓубриште на вистински отпад, туку е дива населба изградена врз ѓубре од фрустрации, неиживеаност, неписменост и криминал на една политичко партиска банда што владее во континуитет еве веќе 34 години. И да се чудиш, која и партија да е на власт, која и коалиција да владее, оваа банда наоѓа начин да продолжи да ја обезличува, уништува и разнебитува државата. 

Еве мажишта храбри (оти вие владеете најчесто), вака се прави држава, а не со вашето лизни мазни кај градежникот, коалициониот партнер, шефот, газдата на кафиќот, не таласај, слушај и покриј ја глават со јорган или пикни ја во песок. И секако – прај се на Тошо. Бљак сте!„- напиша Жанета Трајковска од невладината организација Центар за граѓански комуникации  на социјалните мрежи. Таа прилоши и видео во кое се гледа големиот обем на дивограби што ги урна албанскиот премиер, што е нешто незамисливо во Македонија каде политиката работи за урбаната мафија при што линиите се испреплетуваат.

Повод за ваквата изјава на премиерот беше прашањето на новинар дали Македонија ќе го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама во уривање на дивоградбите. Во однос на изјавата, со реакција се огласи градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски.

„Многу јака филозофија си имал. Ти си бил за градење, а знаеш ли дека дивоградбите не се градење туку се анархија. Очигледно твојата филозофија е беззаконие, не постои премиер во светот што поддржува беззаконие“, истакна градоначалникот.

За тебе се небитни, како што вели, Јакимовски, луѓето кои што чекаат урбанистички планови, што сакаат да градат по закон, да си платат комуналии и давачки…

„За тебе се битни оние што градат на државно земјиште, без урабнистички планови и без стандарди. Ние мислевме дивоградби градела мафијата, а тоа биле твоите партнери. Затоа ли го предложи твојот другар за кандидат за градоначалник на Карпош? За да може да дивеете низ Карпош? Е мало сутра“, му порача Јакимовски.