Зошто ловците на трофеи во Таџикистан станаа неочекувани спасители на снежниот леопард

Приходите донесени од западњаците кои ловат мархор, кози и диви овци се користат за да се зачува нестварната голема мачка и да се обезбеди приход за селата во планинскиот регион


Снежен леопард фатен од скриена камера над езерото Сарез во Таџикистан

 

Има малку цицачи кои ја освојуваат нашата имагинација повеќе од реткиот и ретко видлив снежен леопард. Наведени како ранливи на црвената листа на загрозени видови, се смета дека помалку од 7.000 Panthera uncia останале низ високите планини во Азија. Од нив, околу 5% живеат во планините Памир во Таџикистан, третиот највисок екосистем во светот по масивот Хималаи и Каракорум. Овде, наспроти шансите, изгледа дека леопардите напредуваат.

„Во Таџикистан, ситуацијата со снежните леопарди е оптимистичка бидејќи популацијата видливо се зголемува“, вели Калил Каримов, биолог за диви животни и научен советник во Здружението на организации за зачувување на природата на Таџикистан (Анкот). „Имаме меѓу 350 и 450 мачки, иако точниот број е невозможно да се одреди поради природата на леопардите и далечната средина во која живеат“.

Таџикистан, без излез на море, планинска земја која се граничи со Кина, Авганистани Узбекистан, со децении лежеше на источната граница на Советскиот Сојуз. Но, во 1991 година, кога СССР се распадна, земјата западна во петгодишна граѓанска војна која чинеше околу 100.000 до 300.000 животи и принуди уште еден милион да ги напуштат своите домови. Како резултат на тоа, ретките планински копитари во земјата што ги пленат леопардите беа ловени до речиси истребување.

Меѓутоа, во последниве години, мрежата на локални иницијативи го смени овој пад – и оној на другите видови – и Таџикистан сега има пет заштитни места управувани од заедници кои покриваат вкупно 150.000 хектари.

Овците Марко Поло – најголеми во светот, се извонредно важни за ловците на трофеи. За отстрелување на еден таков трофеј се плаќа најмалку 100.000 фунти

Една од овие успешни приказни е зачувувањето на „М-Сајод мархор“ во западниот Памир, чии 35.000 планински хектари се граничат со северен Авганистан. Семејниот резерват бележи десеткратно зголемување на бухаранскиот мархор, дива коза со симболични спирални рогови, откако конзервацијата беше основана во 2005 година.

„Порано ловевме мархор за месо – не знаевме дека тие се загрозен вид“, вели Худојдод Мулојоров, чиј татко, Девлатан, го основал резерватот. „Животот тогаш беше толку тежок; луѓето ловеа за да преживеат. Авганистанците дури ја преминуваа реката за да ловат снежни леопарди и да ги продаваат нивните кожи“.

Колку повеќе има мархори толку повеќе го има нивниот главен предатор, снежниот леопард. Во 2013 година овде се забележани шест, најголема густина во тоа време во светот. Тим кој се врати во 2016 година идентификуваше 10 мачки во истата област.

Мулојоров, срамежлив, молчалив човек, светнува кога го прашуваат за леопардите. „Престанав да бројам колку пати сум видел снежен леопард, но секој пат кога ќе видам ме прави да се чувствувам жив“, вели тој.

За разлика од земјите како Индија, туризмот со диви животни речиси и да не постои во Таџикистан. Со мал приход од туризмот и неколку големи странски донатори, снежните леопарди во Таџикистан имаат неверојатен спасител.

„Деведесет и девет отсто од средствата за зачувување во Таџикистан доаѓаат од лов на трофеи од странство“, вели Каримов. „Порано луѓето одеа во планините и убиваа сѐ што можеа, но сега ги штитат бидејќи имаат финансиска вредност“.

Група машки мархори снимена во резерват во Таџикистан

Каримов проценува дека странските ловци на трофеи придонесуваат со милиони фунти годишно за таџикистанската економија, при што владата поставува годишни квоти за отстрел на мархор, кози, диви свињи, овците Марко Поло и уријали.

Во 2021 година, на конзерваторскиот предел „М-Сајод“ му беа доделени три од 12-те мархор дозволи во Таџикистан, при што ловците платија помеѓу 100.000 и 145.000 фунти за да отстрелаат една коза, од кои 30% отидоа директно во резерватот. Во овој оддалечен планински регион, каде што работните места се скудни, а повеќето семејства имаат барем едно лице кое работи во Русија, овој приход е спас за многумина.

„Без лов на трофеи, нема да има конзервација овде“, вели Мулојоров. „Благодарение на ловот, вработуваме 20 луѓе и ја подобруваме локалната инфраструктура“.

На висорамнината Аличур, претежно етнички киргистански регион на далечниот северо-источен дел на земјата, поранешен ловец наречен Махан Атабаев води резерват од 92.000 хектари. Со просечна надморска височина од 4.000 метри и зимски температури кои редовно достигнуваат -50 Целзиусови степени, ова е едно од насуровите населени места на Земјата.

Во 2012 година, кога беше основана конзервацијата, тука беа забележани 106 Марко Поло – најголемите овци во светот. Сега ги има повеќе од 500. Зголемен е и бројот на козите.

Пресликувајќи ја шемата од „М-Сајод“, како што напредуваа Марко Поло овците и ибексот, така се зголемуваа и снежните леопарди. Во 2011 година, ниту една од мачките не била снимена овде. Во 2017 година, камерите снимија девет.

Деновиве најголемата закана за дивиот свет во Таџикистан не е ловокрадството, туку климатската криза. Од 8.000 глечери во Таџикистан, една третина се изложени на ризик целосно да исчезнат до 2050 година. Овие алармантни глацијални повлекувања предизвикуваат климата во Памир да станува сè понепредвидлива, со подолги, постудени зими и посуви лета. Минатата зима достигна -63 степени Целзиусови на висорамнината Аличур, а Баш Гумбез, село со 44 домаќинства, изгуби 700 јакови и 1.000 овци поради студот. Условите како оваа исто така предизвикуваат катастрофа за дивите стада од кои зависат снежните леопарди за да преживеат. (Гардијан)