Зошто локалитетот Скупи потона во заборав?


Потпишувањето на  Меморандумот на Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт за истражување, вчера, го врати од заборав римскиот град Скупи, едно од најзначајните археолошки места во Македонија, лоциран на падините на Зајчев Рид и оддалечен одвај пет километри од центарот на Скопје. Локалитетот, дотогаш запуштен, со густа вегетација, диви животни и отпад, „блесна“  уреден, со искосена трева и исчистени патеки, за министерот Љутков и германската делегација.

Градот Скупи бил двапати поголем од Стоби, петпати од Хераклеја кај Битола и деветпати од Баргала во околината на Штип, напишал своевремено професорот Иван Микулчиќ, еден од најзначајните истражувачи на античките градови во Македонија.

И покрај епитетот „археолошки бисер кој во себе крие неистражени тајни“, тој е многу послабо посетен од другите. Во туристичките програми речиси го нема, а го наоѓаат главно љубопитни историчари или археолози. За локалитетот има многу мал интерес, но и дека таму нема услови за да се однесат туристи. Му фалат елементарна сервисна инфраструктура, како што се патеки, информативни табли, патокази, тоалет, сувенирница и вработени презентери.

Репортажата на Призма од пред четириесет дена, за очајната состојба на Скупи, заборавен од државата и институциите, чии камени остатоци сега во тишина зборуваат за еден свет кој некогаш бил жив, моќен и културно богат, го алармираше ресорното Министерство да преземе мерки, иако тоа не раководи со него, туку Музејот на Град Скопје. Како Министерство, тие го поддржувале Скупи единствено преку конкурсите што ги распишуваат за проекти од национален интерес во културата.

Како Скупи , познат по своето римско име Colonia Flavia Scupinorum, кој бил вистински метрополис во своето време и најголемиот римски град во земјава и единствен со статус на колонија, стигна до оваа состојба?

Еве, што документираше новинарската екипа на Призма по повеќемесечно новинарско истражување.

Историјата  и значењето на Скупи

Според достапните информации на МАРХ, Скупи започнал да се формира во I век п.н.е., кога римските легии го преминале фронтот на Скопската Котлина и поставиле воен логор (каструм) на стратегиски важната локација кај Зајчев Рид. По завршувањето на воените кампањи, логорот постепено се трансформирал во цивилна населба, а во II век н.е. територии од регионот биле доделувани на ветерани од римската војска, што придонело за развојот на Скупи во самоуправна римска колонија.

За време на владеењето на Диоклецијан, кон крајот на III век, Скупи станал главен град на новоформираната провинција Дарданија, достигнувајќи врв на урбан и економски развој. Сепак, неговиот напредок бил прекинуван од варварски напади, а конечното разурнување било предизвикано од катастрофален земјотрес во 518 година, по што населението го напуштило градот. На неговите руини се развиле помали населби, а главната градска активност се префрлила кон локацијата на денешното Скопско Кале, каде што Скопје продолжило да се развива од средниот век па сè до денес.

Локалитетот за прв пат се заштитува како културно наследство по земјотресот во 1963 година.

-Скупи систематски се истражува од 1967 година и најголем дел е истражен во централното градско подрачје каде што се откриени неколку јавни објекти. Во текот на овие истражувања собрана е колекција од околу 70 илјади предмети со кои располага Музејот на град Скопје, дел се изложени во постојаната поставка, дел се работи на нивна конзервација, вели Кузмановски.

Од империјалниот период, како еден од најзначајните објекти тој го издвојува римскиот театар со капацитет од околу 9000 гледачи – еден од најраскошно украсените театри во Македонија. 

– За жал, од четирите театри што ги имаме, тука е најмалку сочуван затоа што дел од неговите камења и ѕидови биле подоцна искористени за изградба на други градби, вели Кузмановски. 

Како особено значајна, Кузмановски ја издвојува и скулптурата Венера Пудика, откриена во римската терма – ремек-дело од бел ситнозрнест мермер, кое плени со својата убавина.

Во IV век, Скупи станува духовен центар, седиште на епископија, а подоцна и архиепископија. Градот бил посетен од царот Теодосиј I, кој издал два царски указа токму од тука. Изградени се христијански базилики, градски палати, бањи и улици, кои сведочат за високо развиена урбанистичка структура.

Цивилната базилика, со својата апсидна сала и мозаичен под, била центар на јавниот живот – тука се решавале судски спорови и се склучувале трговски договори. Христијанската базилика, пак, со својата тробродна структура и крстилница, сведочи за духовниот подем на градот во доцната антика.

-Скупи е огромен локалитет, еден од најголемите и најзначајни римски градови не само во Македонија туку и на Балканот. Скупи е римска колонија во која заслужните римски ветерани добивале земја и се населувале. Доаѓале од различни делови на империјата – од Сицилија, Италија, Грција, па дури и од Блискиот Исток. Станува збор за мултикултурно место, вели Панче Велков, директор на Музејот на Град Скопје во разговор со МИА.

Тој нагласува дека е неопходно понатамошно истражување за да се дефинираат повеќе аспекти од неговата историја.