Зошто ја сакаме италијанската мода: 28. Моден викенд диктира трендови (галерија)
Синоќа, во Ист гејт мол, со шампањско и вино видовме италијанскиот гламур и покежуал мода
Италијанската мода и дизајн, повторно тропнаа на гала-портата на Скопје. Прво неделава со низа настани кои го слават дизајнот во Чифте амам и во Сули ан, а синоќа во Ист гејт мол, со модна ревија од омилените италијански етикети на облека, накит, модни додатоци и шминка , како официјален старт на 28. Моден викенд во Скопје, под мотото “Нашата заедничка порака за позитивна модна индустрија”, во организација на Света Богова- Јовановска.
Како нација која тера мода, а не трпи критики за мода, која сака да се дотерува, а ретко почитува дрес-код, која се жали дека сѐ е скапо, ама има пари за чевли и чанти, која се фали со Армани, а не знаеш дали е оригинал или фалсификат, се возбудуваме на ваков гала настан кој ја слави високата и прета-а – порте модата, одговорно консумирање на истата, на која ѝ се восхитуваме како публика на модните писти и која ја собира домашната елита од сите сфери на живеење.
Синоќа, со шампањско и вино видовме италијанскиот гламур и покежуал мода, кои не се само синоним на врвна естетика и квалитет, туку фактор на одржлив и одговорен развој, кој носи светлина во глобалната „темнина“, заедно со потрошувачите, фановите, медиумите и претставници на дипломатскиот кор во земјата .
Модната индустрија е срцето на брендот Made in Italy, термин кој се користи од 1980 година за да ја означи меѓународната уникатност на италијанските производи, особено во четирите главни индустрии, популарно познати како „Four F“: храна, мебел, Ферари (автомобилски) и токму Fashion. Италијанските брендови се познати во светот како симболи на стил. Всушност, италијанскиот се смета за јазик на модата, ѝ на македонски се вели мода.
Модниот викенд годинава ги промовира и домашните дизајнерски сили на модната сцена (28, 29 март) , но и цела вечер посветена на The Bridal Fashion Night со колекции каде идните невести бираат совршен фустан (30 март). Програмата во следните денови ќе ги претстави најважните аспекти на развојот на авторскиот моден дизајн на кој FWSK е посветен од самите почетоци и за кој низ две децении дал непроценлив придонес. Бројни креатори, преку овој настан започнаа, растеа и се формираа до препознавање дома и надвор.
Моден Викенд Скопје ќе продолжи со активности (Ист Гејт Мол) : 15-31 март, Ready, Steady, Shop! A Vintage Pop-up. (Л.С.)