Зошто Илон Маск го уништува Твитер?

Има подлабока логика зад неговите постапки. Маск сака да изгради нова верзија на корпоративниот конгломерат за 21. век. Основната филозофија на целиот проект е да избега надвор од дофатот на регулаторните тела


Дом Лукре, истакнат десничар и следбеник на Трамп, познат по ширењето теории на заговор, твитна снимка од злогласното видео за експлоатација на деца на 22 јули – наводно за да разоткрие некој кој веќе бил кривично гонет и осуден за поседување на прикажаниот материјал. Тимот на Твитер за сексуална експлоатација на деца ги отстрани видеата на 26 јули и го суспендираше профилот, кој има 556.000 следбеници.

Активистите на Алт-десницата се побунија. Многу истакнати следбеници на Трамп побараа итно враќање на Лукре на Твитер. Илон Маск спремно им удоволи, коментирајќи: „Само луѓе од нашиот тим ги виделе поставените слики“. Засега ќе ги избришеме тие објави и ќе ја укинеме суспензијата на профилот“. Но, сликите останаа на Твитер четири дена. И како што добро знаат новинарите, дури и ако водите кампања против злоупотреба на деца и само се обидувате да ги посочите сторителите, само поседувањето такви слики е кривично дело, а камоли нивното објавување.

Ужасната епизода е една од многуте во серијата што го илустрира процесот на самоуништување Маск се чини дека ја започна во Твитер, компанија која неодамна ја преименуваше во X. Откако го купи Твитер за 44 милијарди долари минатиот октомври, тој врати многу добро познати екстремно десничарски активисти на платформата, отстранети поради говор на омраза и ширење дезинформации. Тој, исто така, неодамна го помилува Канје Вест кој твиташе антисемитски шеги и го фалеше Хитлер. Маск ја укина проверката на профилот со син беџ која им помогна на јавните личности и компаниите да се заштитат од имитатори со лажни профили и ја воведе верификацијата како платена услуга, која им користи на троловите и на оние што шират дезинформации.

По заминувањето на големите корпоративни огласувачи, Твитер е преплавен со реклами за евтини производи. Компанијата губи милиони долари секој ден – и покрај тоа што отпушти 80% од своите вработени. Сето тоа изгледа како пример за корпоративно самоуништување: во тек е пресметаното уништување на социјалната и економската вредност што Твитер и неговите корисници ја создадоа од 2007 година.

Маск драстично ги намали приходите на компанијата, ги дисперзира вработените и огласувачите, го уназади корисничкото искуство и си даде право да донесува произволни одлуки за објавените содржини. Може ли она што го прави најбогатиот човек на светот со нова компанија да се спореди со она што понекогаш го прават бесните деца со нови играчки? Дали е тоа обид да се преплават глобалните информациски системи со дезинформации – проверена тактика на радикалната десница и нејзините тоталитарни поддржувачи од Русија?

Верувам дека има подлабока логика зад неговите постапки. Маск сака да изгради нова верзија на корпоративниот конгломерат за 21. век. Покрај Твитер, Маск е мнозински сопственик на „Тесла“, која произведува електрични автомобили, Space X, која ја развива вселенската програма, Boring Company, која работи на поврзување на американските градови со подземни тунели и Neuralink, компанија која развива интерфејс помеѓу компјутерите и човечкиот мозок. Во 2016 година, „Тесла“ го купи SolarCity, дистрибутер на соларна енергија. „Старлинк“, компанија која нуди сателитски пристап до Интернет, е во сопственост на Space X.

Накратко, Маск се обидува да доминира со технологиите кои ќе му овозможат на капитализмот на 21. век да избега од државна регулација: транспорт и енергија по декарбонизацијата, сателитски комуникации, интерфејс човек-компјутер и конечно Tвитер/X – медиумска платформа која треба да прерасне во платен систем. Маск не крие дека има намера да го претвори дигиталниот градски плоштад, што порано беше Твитер во дигитален систем за плаќање, кој најверојатно ќе користи сопствена криптовалута за дополнително да се заштити од владиното регулирање на финансискиот сектор.

Конгломератите испаднаа од мода во 1970-тите поради проблеми со ефикасноста: спојувањето на производител на автомобили, на пример, и челичарница, банка, бродоградилиште и синџир супермаркети во една компанија е кошмар за менаџерите.

Акциите на повеќето историски конгломерати вредеа помалку од збирот на вредностите на нивните составни делови, создавајќи притисок за распаѓање. Со неколку исклучоци, единствените конгломерати кои сè уште се успешни се секторски конгломерати – како што е ЛВМХ, кој контролира повеќе од 70 модни, козметички и потрошувачки брендови. Маск го решава проблемот со ефикасноста со тоа што ги држи своите компании приватни, а со тоа го намалува притисокот на акционерите.

Тој ги сигнализираше своите намери со преплавување на Твитер со говор на омраза, наметнувајќи произволни правила и давајќи им поголема видливост на неговите омилени измамници и расисти. Неговата намера е да го претвори X во универзална апликација за вести, коментари и сомнително рекламирање, платформа чија корисничка база ќе биде маѓепсана од спектаклот на дезинформации што се монетизираат преку платниот систем.

Основната филозофија на целиот проект е да избега надвор од дофатот на регулаторните тела: бегство од градежната регулатива со одење под земја; лет во вселената од регулација во областа на комуникациите; пренос на енергија од возачот до производителот на возилото со вградување на вештачка интелигенција во секој продаден автомобил.

Ќе имаме ли некаква заштита како граѓани? Тоа е следната голема битка на Маск. Доколку успее да го врати Трамп во Белата куќа, САД ќе се претворат во лабораторија на неконтролирана корпоративна моќ – не само во областа на информациите, туку и во доменот на урбанистичкото планирање, автомобилската индустрија и комуникациите.

Додека неговите конкуренти од Силиконската долина сè уште сонуваат да се преселат во градови изградени на море, надвор од дофатот на финансиските регулативи и владеењето на правото, Маск одлучи да ја изгради својата либертаријанска утопија на копно. Заспаната и парализирана политичка класа очајува и не прави ништо. „Птичката ќе лета според нашите правила“, тврдеше еврокомесарот Тиери Бретон непосредно пред продажбата на Твитер. Многу беше вложено во тоа негово ветување, но не сум сигурен дали сè уште има некаква тежина.

Ако Маск, Трамп и нивните сојузници постигнат убедлива победа на изборите во 2024 година, користејќи го Твитер за да водат информативна војна против претседателот Бајден, тоа ќе биде голем чекор кон нов корпоративен поредок без правила, прилагоден на глобалната либертаријанска десница.

(Пол Мејсон е познат британски новинар. Овој текст е објавен во магазинот „Њу јуропиан“.)