Зошто гласачите ги казнија социјалистите во Бугарија?


Лидерката на БСП Корнелија Нинова призна дека гласачите ја сметаат партијата како дел од статус-квото, но не знае како да го смени тоа

На изборите во неделата БСП загуби половина од своите гласачи. Тоа е ужасно лош резултат. Но падот на социјалистите трае со години, затоа што не се трансформираа во левоцентристичка европска партија, туку се свртеа кон национализмот и го затворија патот во партијата за младите

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                                Јовка Димитрова

СОФИЈА – За 12 години во опозиција, Бугарската социјалистичка партија се стопи од мастодонт со речиси еден милион гласачи во трета сила во новиот бугарски парламент.

На изборите на 4 април за БСП гласаа двојно помалку луѓе отколку на претходните избори во 2017 година – 480.000 лица во споредба со над 955.000 пред четири години.

Падот на интересот за БСП и на влијанието на партијата врз општествените процеси во Бугарија е факт со години наназад, но дури и во опозиција секогаш беше почитувана од своите ривали поради широката мрежа на локални структури и долгата политичка историја. Повеќе од 30 години, таа е, ако не и единствен, тогаш сигурно најпрепознатлив „играч од левата страна“. Овој пат гласачите ја опишаа како „партија за статус-кво“ и ја казнија за тоа.

 

Факторот ковид  Според социолозите, третиот бран на пандемијата, кој се совпадна со изборите во Бугарија, значително придонесе за понизок од очекуваниот резултат на социјалистите на изборите. Старите лица, кои се нејзини традиционални гласачи, не излегоа на гласање исплашени од инфекцијата, пренатрупаните болници и големиот број жртви од корона вирусот. Оставени невакцинирани поради редоследот на приоритетните групи, кој ѝ даде предност на администрацијата во однос на старите лица, тие одбија да одат на гласање, иако владата постојано ги уверуваше дека се преземени сите безбедносни мерки. Ниту самата БСП не ги заштити и наместо да инсистира на нивна брза вакцинација, таа предложи да се купат вакцини од Русија и Кина.

Пандемијата го смени стилот на кампањата бидејќи традиционалните состаноци со гласачите беа заменети со телевизиски настапи и кампањи на социјалните мрежи. Ова дополнително го намали интересот на постарите гласачи, за кои кампањата од далечина не беше доволно мотивирачка. Телевизиските серии, чии најревносни гледачи се пензионери затворени во своите домови, победија пред телевизиските политички дебати.

 

Факторот возраст  Анализата на профилот на гласачи на 4 април, направена од социолошката агенција „Алфа рисрч“, покажува дека поддршката за социјалистите е локализирана кај луѓе над 60 години. Секое трето лице од оваа возрасна група ја поддржало БСП. Меѓу средовечните и младите гласачи, таа се движи помеѓу 5 и 7 проценти. Освен статистички ограничување на електоратот на БСП, ваквата распределба не е добра вест за иднината на партијата. Ако нешто не се промени од корен, така што БСП да стане привлечна за активните генерации, поддршката за тоа ќе продолжи да опаѓа.

Импресивно е и тоа што 26 отсто од гласачите постари од 60 години гласаа за ГЕРБ. Социолозите тоа го објаснуваат со политиката што ја спроведува владата на Бојко Борисов, која ја зголеми минималната пензија и шест месеци да дава дополнителни 50 лева (25 евра) на сите пензионери како компензација за кризата. Во исто време, БСП не можеше да се избори за повторна пресметка на пензиите, што ќе овозможи приходите на старите лица, кои не се ажурираат со години, да се ажурираат во однос на зголемувањето на трошоците за живот.

 

Факторот идеологија  Откако застана на чело на БСП во 2016 година, нејзината претседателка Корнелија Нинова значително го смени ликот на партијата. Ја расчисти партијата од познатите лица, ги ограничи мандатите на пратениците на два, уведе директен избор на лидер на партијата и исклучување на партиските олигарси со контроверзна слава. Сепак, сите овие „мали“ револуции, очигледно насочени кон помладите генерации, не се покажаа доволно привлечни за нив. Иако им помогна на националистичките партии како што е ВМРО да се здобијат со популарност кај помладите, дејствијата како што е отфрлањето на Истанбулската конвенција за заштита на жените од насилство и на мигранти немаа сличен резултат за БСП.

„Изборниот резултат покажува дека идејната стратегија на г-ѓа Нинова е погрешна“, рече политикологот Даниел Смилов, директор на Центарот за либерални стратегии.

БСП ги потроши сите шанси што ѝ ги дадоа ланските протести. Раководството на партијата не се идентификуваше со барањата на луѓето кои излегоа на улиците. Проруските ставови во БСП стануваат сѐ погласни

Според него, Нинова ја насочила партијата во правец што ја оддалечила од европските леви и левоцентристички идеи и БСП ја приближила до полето на националистите.

„Ова го затвори патот на БСП кон младите, кон центристичкиот дел од општеството. Дури и во ситуација кога ГЕРБ ја губи поддршката, социјалистите не успеаја да станат прва партија, туку паднаа на третото место“, рече тој во интервју за националното радио.

Смилов истакна дека за време на владеењето на Нинова, говорот на партијата покажа „поголема хомофобија, ксенофобија и омраза кон бегалците“, додека проруските ставови се интензивираат до степен до кој некои пратеници и лидери на партијата ја поддржуваат политиката на Путин.

Протестите од минатото лето ја потресоа Бугарија, но социјалистите не знаеја што да направат со тој народен гнев. Одлучија да останат настрана и да се свртат кон национализмот

 

Факторот протести  Самата Корнелија Нинова загубата на гласови на БСП ја опиша како комбинација на желбата на гласачите да бараат промени и внатрешните противречности во самата партија. Ден по изборите, претседателката на најголемата опозициска партија призна дека гласачите ја оцениле БСП како дел од статус-квото и ја казниле за тоа.

Нинова објасни дека партијата водела тешка битка и против заткулисните куклени водачи и против владата на ГЕРБ, морајќи да се справи со огромен притисок и купување гласови за време на изборите.

Повеќето аналитичари се согласуваат со наодите на Нинова, но не и со нејзините објаснувања за слабите перформанси.

Социологот Јуриј Асланов коментира дека раководството на БСП направи низа стратешки грешки, вклучително и колеблив став кон кандидатурата на претседателот Румен Радев за втор мандат. Радев, кој беше номиниран од БСП, ја зголеми својата популарност застанувајќи на страната на демонстрантите и остро критикувајќи ја владата на Борисов за корупција. Кога објави дека ќе учествува на изборите во октомври, Нинова рече дека партијата ќе одлучи дали ќе го поддржи по парламентарните избори.

Велислав Минеков, кој беше еден од водачите на протестите летото, посочи дека „БСП немаше добра позиција за време на протестите“.

„Иако некои од социјалистичките пратеници беа на плоштадите меѓу демонстрантите, раководството на БСП не се идентификуваше со барањата на луѓето кои излегоа на улиците. Опозицијата не го напушти парламентот, што беше грешка“, рече Минеков за ТВ+.

Политикологот Евгениј Дајнов исто така верува дека „БСП ги потроши сите шанси што ѝ ги дадоа протестите“.

„Неубедливата опозиција во парламентот, која не успеа да учествува на сенародниот протест против безобразноста на властите, со целосно нејасно идеолошко лице, што се смета за дел од омразената статус-кво состојба – немаше како таквата партија да не загуби на изборите во 2021 година“, напиша Дајнов за Дојче веле.

 

Во нова улога  Објаснувајќи дека претстојат важни преговори за владата, претседателката на БСП, Корнелија Нинова, објави дека нема да поднесе оставка и покрај рекордно нискиот резултат на нејзината партија.

Таа објави дека им подава рака на трите нови партии во парламентот – Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се! Мутри надвор – и дека нема намера да соработува со ГЕРБ.

И покрај тоа што призна дека БСП е „дел од статус-квото“ за гласачите, Нинова повика на „промена на моделот на управување“. И посака да го стори тоа со трите партии за кои гласачите ги избраа во новиот парламент како симбол на промената. Така, на фонот на стаписаноста од изборниот резултат кај сите партии, Нинова ја презеде иницијативата. И трите партии се соочуваат со избор – да поддржат некои од нејзините идеи, како што е мораториум на претстојните зделки и состаноци, или целосно да ја игнорираат.