Зошто е избрана фирмата ИРД да го врши надзорот за изградба на автопатиштата


 

На прес–конференцијата по потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во вкупна должина од 110 километри и во вредност од 1,3 милијарди долари, новинарите најмногу се интересираа за изборот на фирмата која што ќе го врши надзорот. Причината за ова се многубројните информации и шпекулации што се провлекуваат со денови низ медиумите, но и на прес-конференциите на опозицијата за, како што беше нагласено, коруптивните „опашки“ кои ги имаат некои од фирмите и поединци за кои се тврди дека има меѓународна потерница.

„Прашањето е зошто прифативте надзор од страна на фирми кои очигледно имаат негативен бекграунд, а со кои склучивте милионски договор“, гласеше едно од прашањата упатени кон првиот потпретседател на Владата Артан Груби, кој е и претседател на Управниот комитет за избор на изведувач. Инаку, за надзорот се предвидени 22 милиони евра.

„Само ве молам да не лепите етикети, затоа што ниту вие ниту јас сме истражни органи. Секој кој  има наоди може да ги претстави во Јавното обвинителство вклучувајќи ја тука и опозицијата“, рече Груби.

Тој посочи дека постапката за избор на надзор е пропишана во специјалниот закон кој што го поддржаа сите политички партии во Собранието и го потврди Уставниот суд, како и дека постапката ја вршело Јавното претпријатие за државни патишта, а не Владата.

„Имаше две постапки, првата беше објавена во 2021 година во декември и пропадна затоа што избраниот консултант не успеа да поднесе банкарска гаранција во предвидениот рок. Затоа постапката се поништи и се повтори при што имаше три конкуренти и тоа „Ingerop Conseil Et Ingenierie“, „IRD engineering“ и „ХИЛ интернационал“ кои беа разгледани во Комисијата во јавното претпријатие“, рече Груби додавајќи дека целата постапка била јавна.

По анализата се утврдило дека најприфатлива е понудата од ИРД која што имаше разлика од 3 милиони евра од првата понуда која што ја достави „Хил“ од 25 милиони евра, објасни Груби.

Тој исто така рече дека ИРД е конзорциум составен од ИРД, „Ептиса“ и две други компании, но носител е ИРД.

„Апсолутна лага е дека Владата има потпишано договор со ‘Ептиса’“, рече Груби.

„Ептиса“, инаку е фирма за која опозицијата посочува дека со одлука на влада било утврдено дека работела незаконски, а „Електра Солушн“, дека добила лиценца во текот на тендерот, додека „Евро Консталтинг“ се поврзува со Бранимир Димитријевиќ, вмешан во меѓународна криминална шема, кого го барале и Ерменските власти.

На ова Груби одговори:

„Вие, јавноста и опозицијата обвинува компанија која што се нарекува ‘Ептиса’ за некој тендер во 2020 година или пак за надзор за вршење на работите во железницата и го поврзувате со надзорот во овој проект што се сосема различни работи и згора на тоа ‘Ептиса’ како компанија лани има сменето сопственост, сега е сосема нова компанија, само брендот е останат истиот поради референците кои што ги има претходно. ‘Ептиса’ е спиечки партнер во конзорциумот кој е предводен од ИРД и со кого ЈПДП има потпишано договор за надзор на проектот“, рече Груби.

Тој додаде дека ИРД има надзор на проектот на Коридорот 10, потоа на патот кој што се гради од Извор до Бошков Мост, врз железницата на Коридорот 8 од страна на АД Железници, така што е компанија која што веќе успешно работи во Република Северна Македонија без ниту еден единствен скандал.

„Ве замолувам да не фрламе дамка врз еден волку голем, најголем инфраструктурен проект во нашата земја“, рече Груби, на што реагираше еден од новинарите, кој му рече: „Малку забегавте, волунтаристичко толкување на правото е дека ако се смени сопственик на фирмата дека фирмата не одговара за ништо“, по што дојде до вербална конфронтација.

На прес-конференцијата во одговор на новинарско прашање, се произнесе и Дарко Спировски, директор на подружницата на ИРД во Македонија, кој рече дека ИРД е фирма која што во Македонија постои 20 години, дека вршела надзор и на автопатот Демир Капија – Смоквица кој бил завршен во рок, со 217 милиони евра и со три отсто пречекорување на сумата на договорот. Овој автопат има шест моста и два тунели.

„Фирмата има реализирано 50 договори во последните 20 години, работеше на Куманово – Миладиновци и на многу други проекти. Основна дејност на нашата фирма е надзор над автопатишта и 85-90 отсто од приходите се од тоа“, рече Спировски.

Тој објасни дека во надзорот неопходна е поддршка од локални фирми.

Дарко Спировски, директор на подружницата на ИРД во Македонија

„Клучниот експерт кој што се бара во тендерската постапка треба да има 15 години меѓународно искуство и 20 години генерално искуство. Како ИРД го носиме клучниот персонал, имаме 11 клучни позиции, но има инспектори на траса, кои треба да ги проверат количините и квалитетот. Тие инспектори на траса ние не можеме да ги донесеме од цел свет, мора да работат локални фирми, овие 80 луѓе живеат во Македонија, работат и ќе седат во Битола, Прилеп, Тетово, Гостивар, Букојчино, во камп во градилиште, ќе ги мерат количините и ќе го проверуваат квалитетот“, појасни Спировски.

Одговарајќи на дополнително прашање, тој рече дека кога го склучиле договорот, „Еуроконсалтинг“ и „Електросолушн“ биле нивната локална поддршка.

„Според информациите што ги имавме тогаш и сега тој човек за кој претходно се разговараше, не е вклучен во сопственичката структура кога ние го склучивме договорот за конзорциум кога ја поднесувавме понудата“, одговори Спировски.

Премиерот  Димитар Ковачевски, запрашан дали може да се случат некои несакани последици поради вакви пропусти, за проект вреден 1,3 милијарди евра, 300 милиони за експропријација 22 милиони за надзор, рече дека целата постапка е спроведена согласно со закон донесен од страна на Собранието, кој што го гласаа сите пратеници, како и дека законот е потврден и од Уставниот суд.

„За законитоста на постапката одговараат сите институции кои согласно законот биле надлежни за избор на изведувач и за избор на надзор на истиот проект“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека врз основа на законот и одредбите од законот, е предвидено сумата колку што ќе чини овој автопат да биде дефинирана врз основа на експертско знаење кое што го поседува фирмата консултант и надзор, во овој случај ИРД, а државата одлучила преку закон во Собрание дека фирмата изведувач ќе биде конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Во однос на гаранции за изведување, кога се работи за вакви проекти, најголема гаранција се референциите кои што компанијата изведувач ги има. Доколку се возите на автопатот во Косово кој што е врвен, треба да знаете дека е изработен од страна на Бехтел, исто така и во Албанија, на најтешките делници на влезот кај Кукс кон Тирана, потоа во Хрватска дел од автопатиштата со врвен квалитет се изработени од ‘Бехтел’, во Србија исто така со светски стандарди… Тоа е гаранција за оваа компанија и конзорциум дека има минат труд“, рече Ковачевски.

„А, дали ќе биде сѐ направено согласно договорот, нормално и самата фирма изведувач не би потпишала договор на 400 страни во кој што има обврски за нив и со оглед на светското реноме, не би потпишале доколку не се убедени дека тој проект не би можеле да го реализираат“, нагласи премиерот Ковачевски.