Зошто археолошкиот локалитет Баргала е важен за културниот туризам на земјата
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари работна посета на локалитетот Баргала, Општина Карбинци, и на националните установи од областа на културата во Штип, при што направи увид во актуелните состојби, согледувајќи ги потребите на институциите за периодот што следува.
„Баргала е локалитет од стратегиско значење за нашите политики во однос на развој на културниот туризам, затоа и со надлежната установа Завод и музеј – Штип и со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, ќе се заложиме и за поголема искористеност на туристичкиот павилјон во состав на локалитетот и за промоција на црквата Св. Ѓорги, кои прават еден исклучително атраткивен комплекс за афирмација на културата и историјата на овој регион“, рече Љутков и додаде дека за овој исклучителен локалитет има изготвено ревалоризација што ќе обезбеди и нов режим на заштита.
Министерот Љутков рече дека Министерството за култура и туризам продолжува во континуитет да ги поддржува програмските активности на локалитетот, а искажа и поддршка за изнаоѓање алтернативни начини на финансирање, особено во делот за ефикасно ноќно осветлување, на заштитениот и ограден доцноантички град.
На 20 километри од Штип, во подножјето на планината Плачковица во близина на реката Козјак, се наоѓа археолошкиот локалитет Баргала чии остатоци потекнуваат од византискиот град подигнат од 4. до 6. век, а за негово постоење се пронајдени написи од 341 година од н. е.
На местото на овој антички град лани, во февруари, почна да се реализира заедничкиот проект за целосно уредување на локалитетот, негово осветлување и заградување за поголема заштита од Општина Карбинци, каде припаѓа овој локалитет и Завод и Музеј од Штип.
„Преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион обезбедивме 6 милиони денари за реализација на проектот за електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на археолошкиот локалитет Баргала, со што ова мошне значајно археолошко наоѓалиште во Македонија ќе има едно централно место на туристичката мапа и ќе биде достапно за посетителите 24 часа“, рече тогаш директорот на Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов.
„Ретко има една мала општина како што е нашата да располага со еден таков мошне значаен археолошки локалитет кој датира уште пред четвртиот век. Сакаме од овој локалитет да направиме туристичка атракција, па затоа веднаш прифативме кофинансирање и заедно со Музејот во Штип обезбедивме речиси 100 илјади евра“, истакна во оваа прилика градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.
Околината на локалитетот Баргала располага и со црковни објекти од подоцнежниот период и целиот комплекс досега е посетуван од голем број делегации и туристи од земјата и од странство. Во амфитеатарот кој е дел од локалитетот досега се одржале голем број театарски претстави и други настани од областа на културата.