Зоран Заев упати честитки за автокефалноста на МПЦ-ОА


 

Поранешниот премиер Зоран Заев меѓу првите се јави за да честита на одлуката на СПЦ да ѝ одобри автокефалност на МПЦ-ОА од заедничката литургија на двајзата поглавари во Соборниот храм во Скопје. Тој го нарече ова „историски ден“.

Во објавата на Фејсбук Заев напиша:

„Македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија заедно одлучивме да живееме во мир, единство, слога и напредок. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина.

Договорот од Преспа, членството во НАТО, ‘Отворен Балкан’ и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност.

Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност.

Со благословот и томосот за автокефалност на МПЦ-ОА што Српската православна црква го упати до Вселенската патријаршија веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за автокефална.

Нека е за многу години овој голем ден, историски за православието и за македонската државност“.