Зоолошката градина затворена, евакуирани и вработените, се проверува смртоносен вирус кај птиците
Мета.мк повикувајќи се на извори во ЗОО Скопје, јави дека се испитува дали кај гуските има бактерија од која можат да се заразат и луѓето
Скопската Зоолошка градина од утринава е затворена, а евакуирани биле и вработените, јави Мета.мк повикувајќи се на извори во ЗОО Скопје кои инсистирале на анонимност.
Неофицијално, станува збор за бактерија кај гуските од која можат да се заразат и луѓето, пишува Мета. Во последниве денови угинале десетина гуски, а сега се усмртуваат и останатите.
Поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски објави на Фејсбук дека станува збор за „птичји грип“.
„Смртоносна бактерија “птичји грип” е најдена во зоолошка градина Скопје”
Во моментов Зоолошка е затворена посетителите евакуирни инспектори се веќе влезени
Ги замолувам посетителите и колегите сите што ја посетиле деновиве да се проверат“, напиша Галетановски на Фејсбук.
И советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков на Фејсбук нашпиша дека Скопје ЗОО од утрово е затворена за посетители.
„Истото тоа е по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство под сомнение за опасни вируси! Во моментов инспектори и доктори по ветерина се внатре со скафандери и работат на утврдувањето. Повеќе детали официјално чекаме од АХВ и Град Скопје“, пишува Кирков.
Во изјава за Мета, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов вели дека од рано изутрина е во Зоолошката градина и дека ќе се вршат сите можни испитувања за да се види точно за што станува збор.
„Во моментов не можам да дадам никакви конкретни информации додека немаме резултати од испитувањата“, изјави Миланов.
Во мандатот на актуеланата градоначалничка Данела Арсовска Зоолошката градина имаше четворица директори, а јавноста е сведок на информации за често угинување на животни.
Оваа некогаш респектибилна институција, се соочува со бројни проблеми и со угинување на повеќе животни. Последниот случај беше деновиве кога на 16-годишна возраст, угина лавот Жика, кој во Скопје беше дојден од зоолошката во Белград.
Вчера „Независен“ објави дека ексдиректорот на ЗОО Скопје Ѓорѓи Галетановски ќе формира фондација со цел да најде пари за вработените и животните
„Поради големиот интерес во јавноста, чувствувам должност да ги известам граѓаните и медиумите дека два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште е отворен, а одамна се поминати сите законски рокови за жалби. Во присуство на адвокат денеска бев во ЗОО Скопје да ги подигнам моите документи и од таму одбија да ми ги вратат со банални објаснувања – документите не се разгледани (пликот не е отворен) ниту, пак, се пратени до градоначалничката на град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна“, изјави Галетановски.
На истата тема:
Ексдиректорот на ЗОО Скопје ќе формира фондација со цел да најде пари за вработените и животните