Зоолошката градина се приклучува во хуманитарна акција за малата Симона
Зоолошката градина во Скопје се приклучува кон хуманитарната акција за собирање финански средства наменети за лекување на четиригодишната Симона од Штип која боледува од леукемија.
По тој повод, во недела ќе бидат организирани низа настани за донации во Скопје ЗОО.
– Зоолошка градина Скопје се приклучува во хуманитарната акција и ги повикува сите посетители да донираат за Симона во недела (27.10). Од 9 – 18 ќе бидат поставени кутии за донации, а во меѓувреме ќе може да се дружите и фотографирате со омилените Дизни маскоти, да гледате бесплатно магионичарско шоу и многу други содржини преку кои ќе помогнеме да се соберат средства за малата Симона. Да бидеме хумани, да спасиме еден млад живот. За среќно детство на Симона, се наведува во информацијата од Скопје ЗОО.
Симона боледува од акутна нелимфобластна лекумија. Досега, се собрани над 30.000 евра, но потребни се 140 илјади евра за лекувањето. Девојчето со родителите веќе е во Загреб каде треба да се лекува.
Сите кои сакаат да бидат хумани може да донираат средства и на броевите Телеком 143 424 А1 143 460.