ЗНМ бара Општина Аеродром да го повлече конкурсот за награди за новинари


ЗНМ бара Општина Аеродром да го повлече конкурсот за награди за новинари. Според ЗНМ, ваквата пракса преку која општината парично наградува новинари може погрешно да биде толкувана во јавноста дека преставува поткуп со јавни пари да се влијае на медиумски содржини поврзани со работата на Општина Аеродром, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија кои се спротивставија на ваквиот јавен повик и бараат тој да биде повлечен, со цел да не се влијае на објективното новинарство и дополнително да поттикне несакани механизми за нарушување на кревкиот медиумски пазар.

„Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес“, стои во реакцијата на ЗНМ.

На 3 февруари Општина Аеродром објави јавен конкурс со кој се повикуваат новинари и медиумски куќи да се пријават со шанса да освојат три награди во вкупна вредност од 180.000 денари. Во огласот се споменува тие да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.

За ЗНМ мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините, претставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена.

Крајниот рок за испраќање на новинарските производи е 30 април, додека објавувањето на победниците е најавено да се одржи на 9 мај, Денот на Европа.