ЗНМ: Али Ахмети не смее да етикетира медиуми

Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување.
Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните.
Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа, стои во реакцијата на ЗНМ.